Отец Бобан: Бадникарите или да се православизираат или да се заменат

 

И оваа година одбележувањето на Божиќ и на Бадник беше централна тема во која се анализираше, дебатираше околу тоа дали и како се слави овој празник во Македонија. Колку во него има Православие, а колку паганизам. Сета таа дебата дополнително е збунувачка кога за ова не постои единствен став меѓу свештениците, па така тие беа редовен декор на благословувањето на бадниковоте огнови.

Отец, Бобан Митевски, дипломиран теолог и асистен на Богословскиот факултет во Скопје по догматика, еден од младата генерација свештеници кои се противат на ваквите прослави на христијанските празници, во интервју за Прес24, бара Црквата јасно да се произнесе за ваквите ситуации.

-Сметам дека е потребно, по примерот на некои Цркви од Православниот свет, да се објави официјален став, или некој вид доктрина, по ваквите ислични прашања, за кои гарант, како што е според учењето на Црквата, ќе биде епископот. Но овој став мора да биде во согласност со црковното Предание, вели Отец Бобан во интервјуто за Прес24.

Она што особено станува сериозен проблем, а за кој и Архиепископот г.г. Стефан и годинава апелираше е таканаречената бадникова прослава пред Соборниот Храм.

-Манифестацијата со бадникарите пред Соборниот храм веќе стана поцентрална, отколку службите што на Бадник се служат и го објавуваат најсветлиот настан во човечката историја. Се случува додека сè уште се служи Василиевата литургија, да се пушти прегласна музика, која пречи на молитвата. Значи, или мора да им се даде православен контекст на овие манифестации, или тие да се заменат со она што е вековно, па макар и некој да се налути заради конкретноста на Црквата, вели Отеце Митевски. Тој потенцира дека огновите и бадниковите гранчиња, како симболика во денот на христовото раѓање доживуваат злупотреба.

-Не смее да се дозволи бадниковото гранче да стане идол, да го има централното место за Божик, да го замени Христос, апелира Отец Митевски во интервјуто за Прес24.мк

Теологот Митевски вели дека Македонија за жал пропушти важен инструмент во градењето на вредностите на општеството, и тоа од субјективни причини, односно од чиста потреба за спротивставување на оние од другата страна, што имаат поинаква програма, кога станува збор за Верското образование, кое ако пред две декади беше имплементирано во образовниот систем, денеска во Македонија ерозијата на моралот кај младите немаше да биде на тоа ниво.

- Но не е доцна, треба што поитно вероучението да го заземе достоинственото место и во образованието, како редовен предмет, но и во семејното секојдневие. Ние треба да превенираме, а не да лекуваме. Добро е почесто да спроведуваме проекти прку кои ќе се запознаваме, но најисрениот пристап е додека изворно им ја проповедаме својата религија на своите верници во своите храмови. Се појави една идеја, верските лидери на двете најголеми верски заедници да направат заедничка средба со водачите на најголемите навивачки групи од најбројните етнички заедници во Македонија и да се апелира и гарантира дека навивањата ќе бидат израз на спортскиот дух, а не средство за продлабочување на јазот. Но за дијалог се потребни сите страни, вели Отец Митевски за Прес24.

Во интервјуто, тој зборува и за прашањето за автокефалноста на Црквата, потенцирајќи дека главната причина за нерешавањето на ова прашање е недостаток на добра воља кај СПЦ.

-Нема друг интерес кај СПЦ, освен личниот, кој, за жал, е плод на неостварениете историски желби, чисто политички и територијални. Потврда за тоа е поинтензивното објавување на за некој посакувана реалност – дека црквата на Вранишковски во Македонија е српска Црква.  Тоа го говорат и великодостоинствениците на СПЦ, стои во нивните документи, а така ги брифираат и своите политичари, вели за Прес24, Отец Бобан Митевски, теолог и асистен на Православниот Богословски Факултет во Скопје.

 

ПРЕС24: Во пресрет и на овој Божик повторно дебатиравме околу тоа колку вистински го славиме Раѓањето Христово. Божик, мислам и уште Василица, се единствените два црковни празника, во кои поважно е да бидете виден пред огновите отколку на литургија. Има ли моќ Црквата да се спротистави на овој тип на чествувања?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Доколку Црквата го следи патот на изворното православно предание, тогаш ќе биде вистинскиот духовен авторитет. Впрочем, Црквата има оригинален, универзален и единствено логичен и оправдан модел, односно тип на празнување, а тоа е светата Литургија. Секое празнување произлегува, т.е. е поврзано со Литургијата и треба да биде како неа. Ако макар еднаш присуствуваме на Литургија, тогаш ќе увидиме дека тоа празнување е постојана хармонија од секој аспект: се пеат духовни песни, кои со својата содржина укажуваат на тоа што го славиме, сè е во тишина, во радост, мир и љубов, срцето се радува, а духот танцува, говориме со Бога итн. Каква спротивност на ова се празнувањата што денес се промовираат, а се поврзани со Бадник, Велигден, Василица, Водици? Не треба да ги релативизираме духовните обврски, односно духовните средства за спасение, зашто единствено тие даваат плод.

 

ПРЕС24:Архиепископот и во ова божикно послание апелира на начинот на чествување, помладите Владици исто така, една млада генерација свештеници исто, но се има чувство дека тие апели како да не допираат пред се до една бројна група свештеници, но и до голем број од верниците?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Би поставил една друга перцепција навашиот заклучок – или сме православни, или не сме. Црквата е чувар и проповедник на изворното православно учење и треба да го слушаме нејзиниот апел, зашто таа е нашата водилка во духовниот живот, поставена да гарантира за квалитетот на православното живеење. А под Црква се подразбира и свештенството и народот кои ја следат вистината и учењето на светите отци. Постојат и многумина што говорат од своето незнаење, но не е срамно и да се прашаат духовните авторитети или да се види во делата на светите отци. Сметам дека е потребно, по примерот на некои Цркви од Православниот свет, да се објави официјален став, или некој вид доктрина, по ваквите ислични прашања, за кои гарант, како што е според учењето на Црквата, ќе биде епископот. Но овој став мора да биде во согласност со црковното Предание. Има и друга вистина: каде што има вера, непоколеблива, нелицемерна и вистинска, каде што има истрајност и смирение, таму има правилност.

 

ПРЕС24:За првпат годинава се организира една литија од Црквата Свети Димитрија до Соборниот Храм. Може ли тоа да стане една традиција, која ќе ги внесува верниците на литургијата, а не, како што честопати се случува пред платото на Соборниот Храм да се соберат на греана ракија и бадникови гранчиња?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Црвата секогаш наоѓала начин како да одговори на воспоставувањето на неправилните традиции. Треба само да се опстои, да се биде ревносен и да се има правилна вера, останатото е веќе дело на Светиот Дух. Манифестацијата со бадникарите пред Соборниот храм веќе стана поцентрална, отколку службите што на Бадник се служат и го објавуваат најсветлиот настан во човечката историја. Се случува додека сè уште се служи Василиевата литургија, да се пушти прегласна музика, која пречи на молитвата. Значи, или мора да им се даде православен контекст на овие манифестации, или тие да се заменат со она што е вековно, па макар и некој да се налути заради конкретноста на Црквата. Сè може да се објасни, а оној што е вистински верник, ќе го следи апелот на својата Црква. Но, Архиепископот, во своето Божикно послание, ја посочи вистинската формула за менување на состојбите: треба да се промениме себеси, тоа е вековната светоотечка формула.

 

ПРЕС24:Но што всушност е Божик? Има ли каква било поврзаност, симболика во огновите, во бадниковото гранче со Раѓањето Христово?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Ако го прочитаме евангелскиот текст за Божик, ќе разбереме дека ангелот им се јавил на пастирите во близината на градот Витлем, кои седејќи во ноќта покрај огнот, ги чувале своите стада. Тие седеле околу огновите во своето и духовно и телесно спокојство. Ангелот им ја соопштил веста за раѓањето Христово и им рекол да одат во пештерата и да Му се поклонат на Богомладенецот. Да направиме споредба: дали ние седиме околу огновит во својот спокој? Дали во сета таа бучна атмосфера ќе можеме да го „чуеме“ гласот на ангелот? Дали на неговиот повик одиме во пештерата, која ја симболизира Црквата, да Му се поклониме на Богомладенецот? Дали пееме песни кои имаат каква  да е врска со Рождеството Христово? Дали разговараме со Бога? Пее ли срцето и игра ли духот? Да не заборавиме, на овие празници им претходи и пост, кое е време на подвиг, на доброволно лишување од одредени работи, на умереност. 

Преданието вели дека на Богомладенецот Му се поклониле сите созданија, животните и растенијата. Елките во близината на пештерата се наведнале до земја, укажувајќу Му почит и чест на Бога. Бадниковите гранчиња го симболизираат ова. И уште нешто – тие се еден вид дар, благослов што го земаме од храмот, тие се знак за објава на Христовото раѓање, како црвеното јајце за Велигден, како босилокот што се дели на Крстовден, како врбовите и ореови гранчиња за Духовден. Ништо повеќе. Не смее да се дозволи бадниковото гранче да стане идол, да го има централното место за Божик, да го замени Христос.  

 

ПРЕС24:Ако од една дистанца се анализира улогата на Црквата во општеството, дали таа ја постигнува целта?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Целта на Црквата отсекогаш била иста – да го води по патот на спасението довереното стадо, да биде тивко пристаниште во оваа животна бура, да биде кораб на утехата и надежта, кој ќе ги превезува луѓето по морето на искушенија, маки и страдања. Црквата е предвкус на нашето вистинско живелаиште, на нашата единствена татковина, а тоа е Царството Божјо. Црквата мора секогаш и да ги проповеда, но и да ги твори делата на спасението, да ги покажува на дело. Ако тоа го прави, ако сведочи со животот, тогаш мисијата има успех.

 

ПРЕС24:Ве прашувам затоа што се има чувство, а и некои истражувања покажуваате дека мнозинството, (голем дел) не ја чувствуваат Црквата за блиска (блиска во смисла водење црковен живот, пост исповед, литургии). Кој е моделот да се привлечат младите?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Ако на младите им се понудат вистинските вредности, им се докаже минливоста и недоволноста на задоволствата што ги нуди овој свет, ако им се покаже дека сме создадени за вечност, за трајна постоење во атмосфера на љубов и радост, во заедница со Бога, кој е извор на секое добро, само така ќе се привлечат сите луѓе. Е, еве, што е парадоксот – искушенијата и маките нема да престанат, но во срцето и умот ќе ги имаме инструментите како да се спротивставиме, како да ја сфатиме суштината. Треба да се здобиеме со Христов ум, како што вели светиот апостол Павле, тогаш и ќе размислуваме, и ќе одлучуваме и ќе живееме природно, како што доликува за човекот. 

 

ПРЕС24:Ерозијата на моралот кај младите е евидентна во ова општество. Честопати некои аналитичари велат дека Црквата ја губи улогата во градењето на морални вредности на личноста во Македонија. Се согласувате со ваквите констатации? И што е она што Црквата може да помогне на овој план?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Црквата мора да го живее тоа што го проповеда, да го твори, да раѓа вистиски спасителни плодови од кои сите ќе можат да вкусат. Така ќе биде градителот, изворот и гарантот на тие вредности. Најопсана е созблазната. Но мора да ја посочиме и реалноста, дека Црквата има многу непријатели, зашто не е од овој свет, затоа што се спротивставува на (не)вредностите на овосветското живеење, зашто го нуди она вистинското....

 

ПРЕС24:Дали ако веронауката беше дел од образовниот процес изминатве две декади, денеска ќе имавме морално поизградени личноски кај младите?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Се согласувам со вашата констатација. За жал пропуштивме важен инструмент во градењето на вредностите на нашето општество, и тоа од субјективни причини, односно од чиста потреба за спротивставување на оние од другата страна, што имаат поинаква програма. Тоа не е став и укажува на немањето капацитет. Но не е доцна, треба што поитно вероучението да го заземе достоинственото место и во образованието, како редовен предмет, но и во семејното секојдневие. А за да можеме да ги воспитуваме децата во верата, треба да пиеме од извориет на верата – тоа се црковните храмови.

 

ПРЕС24:Она што загрижува особено во последно време е што етничките разлики и инцидентите од тој тип кај младите добиваат димензии на меѓуверска нетрапеливост. Колку тоа може да биде опасно?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Ако религијата добие политички контекст, ако стане воинствена, тогаш веќе не е религија. Таа треба да проповеда смирение и љубов, почит кон другите, а не узурпација на волјата, просторот и времето. Често прашувам, како може да е некој верник, ако наштетува на другиот, особено на оној што не е ист?

 

ПРЕС24:До каде тој јаз на меѓуверска поделба може да се продлабочува и не е ли вистински момент верските заедници активно да влезат во превенирање на овие состојби?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Во неколку прилики досега, кога имаше инциденти, верскте лидери излегуваа со заеднички став за смирување на состојбите. Но ние треба да превенираме, а не да лекуваме. Добро е почесто да спроведуваме проекти прку кои ќе се запознаваме, но најисрениот пристап е додека изворно им ја проповедаме својата религија на своите верници во своите храмови. Се појави една идеја, верските лидери на двете најголеми верски заедници да направат заедничка средба со водачите на најголемите навивачки групи од најбројните етнички заедници во Македонија и да се апелира и гарантира дека навивањата ќе бидат израз на спортскиот дух, а не средство за продлабочување на јазот. Но за дијалог се потребни сите страни.

 

ПРЕС24:Честопати на Црквата и се забележува дека малку прави на полето на хуманоста, социјалната грижа. За разлика од МПЦ други цркви, како Руската, Романската... веќе имаат социјални центри, болници за сиромашните?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Постои една девиза дека тоа што го дава десната, не треба да го знае левата рака. Но сметам дека МПЦ треба поактивно и поорганизирано да работи на ова поле, иако, да не заборавиме, хуманоста никогаш не била, ниту смее да стане примарна во мисијата на Црквата, туку треба да биде во контекст на најважното, а тоа е спасението на верните.

 

ПРЕС24:Вие покренавте една иницијатива за остварување на верските права на затворениците. До каде е нејзината реализација?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Во подготовка е статутот и регистрацијата на здружението, зашто сметаме дека сè треба да биде на едно официјално ниво. Потоа ќе почнеме со планираните проекти, како обезбедување на редовна посета на неколку затвори во Македонија, нудење верска грижа за затворениците, како крштевање, исповед, Причестување, планираме, доколку тоа го дозволат капацитетите, да нудиме и бесплатна правна и друг вид помош, а на крајот она најважното, што го дозволува и нашата, а осбено европската регулатива, да изградие или приспособиме објекти за храмови во затворите.

 

ПРЕС24:И оваа година пред МПЦ останува предизвикот на решавањето на нејзиниот статус во православниот свет. Но, јас сакам да Ве прашам, кои се Вашите анализи, каде всушност е проблемот, дали е тоа името на Црквата, или пак е статусот?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Ни едното, ни другото. Овие „аргументи“ се само маска за она вистинското, отсуство на љубов. Тоа отсуство на најважната христијанска особина, го истакнува себељубието, омразата, субјективноста, немањето капацитет за соочувањето со вистинските предизвици и проблеми. Но МПЦ и сака и е подготвена со сите свои капацитети да даде прилог во општиот контекст на Православната црква. Замислете ја ситуацијата, тропате на вратата на Православието, велите дека исто исповедате, исто Го славите Бога како тие внатре, ги следите истите прописи, а не сакаат да ве пушата, едноставно зашто во моментот не се со добра волја кон вас, а тоа го прикриваат со злоупотреба на црковното учење. Православието има многу поголми предизвици, отколку техничките прашања на автокефалија и автомомија, а тоа е ерозијата на моралот меѓу луѓето општо, застранувањето од патот на вистината, предизвикот со современите прогони на христијанството, а ние се занимаваме со славољубие, властољубие и гордост. Но сето тоа не ја намалува вредноста и вистината на Православната црква. За овие состојби бевме подготвени од Самиот Христос, Кој порача дека колку повеќе луѓето ќе се оддалечуваат од Бога, толку повеќе ќе ги вкусуваат плодовите во состојбата што самите ја избрале. Треба да се преумиме и поправиме и да Му притекнеме со искреност и чисто срце на Бога во пресрет. Тогаш сè ќе биде поинаку.    

 

ПРЕС24:Ве прашувам затоа што искуството покажува дека кај СПЦ не постои воља за признавање на автокефална црква на територијата на Македонија. Ако беше поинаку, тогаш јовановата ПОА веќе ќе го имаше тој статус?

ОТЕЦ МИТЕВСКИ: Вашиот заклучок јасно и логички ја посочува намената и постоењето на проектот ПОА – не за да придонесе во заздравувањето, туку во продлабочувањето на раната на православното тело. Нема друг интерес кај СПЦ, освен личниот, кој, за жал, е плод на неостварениете историски желби, чисто политички и територијални. Потврда за тоа е поинтензивното објавување на за некој посакувана реалност – дека црквата на Вранишковски во Македонија е српска Црква.  Тоа го говорат и великодостоинствениците на СПЦ, стои во нивните документи, а така ги брифираат и своите политичари

09.01.2014 - 11:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега