Автобус се судри со автомобил пред Кичево - тешко повредено 9 годишно дете
Деветгодишно дете од Република Турција се здобило со тешки телесни повреди во сообраќајна несреќа што вчера (17 август) околу 10 часот се случила на магистралниот пат Кичево–Гостивар, кај селото Трапчиндол.
Во несреќата полесно се повредиле уште четири лица: 44-годишна патничка од Турција, 13-годишно дете од Скопје, 46-годишен сопатник во „Форд“ и 11-годишно дете од кичевското село Стрелци, сопатник во „Ауди“. Сите повредени биле пренесени во Медицинскиот центар во Кичево, каде што им биле констатирани повредите.
Несреќата се случила меѓу патничко возило „Ауди“ со кичевски регистарски таблички, управувано од 44-годишен жител на Стрелци, „Форд“ со скопски таблички, управуван од 47-годишник од Скопје, и автобус „Сетра“ со скопски ознаки управуван од 39-годишен возач, исто од Скопје.
Известен бил јавен обвинител, а увид на местото на несреќата извршила екипа на ОВР Кичево.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа