Димитриеска-Кочоска на Евроазиски форум: Заедно можеме да ги надминеме глобалните предизвици

 


Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на работната посета на Турција, денеска имаше воведно обраќање на 28. Евроазиски економски форум организиран од Мармара Фондацијата на кој истакна дека заедно преку заеднички идеи, иницијативи и соработка може да се надминат предизвиците пред кои се исправени сите.

„Годините што изминуваат особено ковид-пандемијата донесе една нова реалност и создаде многу предизвици со кои се соочивме и се соочуваме се уште. Војната во Украина, енергетската криза, инфлацијата, нови променети услови на финансиските пазари,  актуелните политики со царините  се неизвесности на глобален план кои повеќе или помалку  ги чувствуваме сите, а напорите што ги вложуваме и енергијата за справување со нив е различна. Некој плива по брановите полесно, некој потешко, но заедно може да направиме многу повеќе“, рече министерката.

Таа додаде дека Македонија како мала и отворена економија она што се случува на глобално ниво, а особено во Европа,  го чувствува и на домашен терен и  затоа политиките на Владата се насочени на краток рок да се поддржи домашната економија со цел да се намали ударот од овие надворешни влијаниja и да се зголеми нејзината конкурентност.

При тоа истакна дека со Турција негуваме пријателски односи и дека таа е наш голем поддржувач во спроведување на реформите кои ќе го забрзаат нашиот пат кон цврст просперитет.

Министерката Димитриеска-Кочоска денеска ќе учествува и на панел дискусија во рамки на Евроазискиот економски форум на тема „Каде сме и каде сакаме да бидеме? Предизвиците дома и во Европа – пат до успешна иднина“.

Овогодинешниот Самит на Фондацијата Мармара е посветен на тема „Похуман свет“, каде се присутни евроазиски лидери кои зборуваат на актулени теми поврзани со екологија, економија, енергија, вештачка интелегенција, меѓународна соработка во здравствениот сектор и слично.

07.05.2025 - 11:42

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега