Притворен маж кој фотографирал воени објекти во Грција
Мерка притвор му е одредена на 59-годишниот маж со потекло од Грузија, кој живее во Грција, а беше уапсен во Александруполи откако фотографирал и снимал воени објекти и се товари за шпионажа, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што објави грчката новинска агенција АНА-МПА, според адвокатите на обвинетиот, во денешната одбрана пред истражен судија, меѓу другото, рекол дека не поседувал ниту испраќал доверливи државни информации, дека „фотографиите што прикажуваат пренесување материјал од НАТО постојано се објавуваат во медиумите“ и дека „не постоела никаква опасност за Грција или која било друга земја сојузник бидејќи фотографиите биле аматерски и постојат стотици во медиумите, во прилозите и на интернет“.
Дополнително, според истите информации „не го признал делото за кое е обвинет“.
Според грчките медиуми, притворениот се товари за шпионажа во време на мир и може да добие затворска казна од пет до десет години.
Станува збор за маж кој по професија е молер, а досега нема кривични дела.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа