За 45 минути над 600 апликации - Битола субвенционира инвертер клими
Општина Битола денеска го отвори електронското аплицирање за граѓаните кои со општинска субвенција имаат намера да се снабдат со инвертер клима уред.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираат дека електронското аплицирање почна во 8 часот и за само 45 минути се евидентирани 612 апликации.
-Електронското аплицирање почна успешно, а првата апликација беше поднесена во 8 часот и 2 секунди. До 8 часот и 45 минути, добиени се вкупно 612 апликации за 570 корисници, а во одреден период во една секунда аплицирале од 5-8 лица. Секој граѓанин кој аплицирал на својата мејл адреса има добиено известување со време на поднесено барање и број на предмет, како и известување доколку го поништил претходното барање и поднесол ново барање. Сo ваквиот систем, Општина Битола, по втор пат, успешно го воведува електронскиот систем за поднесување барања за субвенции, како нова дигитална алатка за граѓаните со што повеќе нема да се создаваат колони од граѓани пред општинската зграда и граѓаните нема да мора да чекаат ред од раните утрински часови, за да аплицираат на јавните повици на општината, посочија од тамошната локална самоуправа.
Субвенција за инвертер клима уред е еден од проектите на градоначалникот Тони Коњановски, со кој се реализира заложбата за дигитализација на услугите. Средствата што ќе ги надоместува Oпштина Битола се во вредност од 50 насто од вкупната цена на чинење на уредот, но не повеќе од 25.000 денари.
Аплицирањето што почна денеска ќе заврши на 6 мај со што се очекува бројот на апликанти да достигне рекорден број, нагласуваат од Општина Битола.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа