Талески: Интерепелацијата за Тошковски е глас за враќање на безбедноста на граѓаните

 


По срцепарателното обраќање на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, мора да ѝ ја кажеме на македонската јавност вистината за она што се случува во овие 15 месеци откако тој е министер за внатрешни работи. Господине Тошковски, вие сте 15 месеци веќе министер во МВР, и во овие месеци министерството го претворивте во комплетно нефункционално министерство, министерство со најголем број скандали, каде што преовладуваат селективноста, неказнивоста и целосно е нарушена безбедноста на граѓаните, вели пратеникот од редовите на СДСМ Миле Талески.

Глас ЗА интерпелација на министерот Панче Тошковски не е прашање на политика, туку прашање дали ќе опстои државата, дали ќе има правда, безбедност и сигурност, истакна Талески.

„Безброј аргументи и факти го потврдуваат тоа.

И не е само истрагата за трагедијата во Кочани, која одзеде толку многу животи, иако непобитен факт е дека МВР потфрли на повеќе основи дента на пожарот како институција со клучна улога во обезбедувањето.

Не бил направен оперативен план, не бил обезбеден просторот, не бил затворен објектот иако во него било регистрирано присуство на малолетници, не се реагирало за пиротехнички средства и многу други пропусти.

Голем број осомничени, приведени и притворени лица од трагедијата во Кочани до денес е со цел да се разводнат сите случаи и да се одолговлекуваат до бескрај, да се создаде привид дека МВР и Владата се борат против криминалот и корупцијата. Но не е така. Ова е тежок популизам, препознатлив за ВМРО-ДПМНЕ. Но, ајде да ја почекаме истрагата за да видиме дали и кој од надлежните командири, началници и заменик-командири на полицијата ќе бидат опфатени и кој ќе понесе одговорност“, посочи Талески.

Талески прашува дали началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска-Маневска, дали началникот на криминалистичката полиција во Кочани, Томо Донев, дали началникот на СВР Штип, како и раководителите на крим-полицијата ќе понесат одговорност?

„Ама морална одговорност мораше да има после толку пропусти — од човекот којшто е прв и најповикан во таа институција, а тоа е министерот Панче Тошковски.

Морален пораз за Тошковски е тоа што советничка во Советот на Општина Кочани, сопартијка на министерот, ќе поднесе оставка од морални причини, а тој не.

За жал, најголемата трагедија во Кочани не е единствениот црн момент што ѝ се случи на Македонија откако ДПМНЕ ја презеде власта.

Државата е претворена во Див Запад. Македонските улици се небезбедно место, каде сред бел ден се случуваат криминални пресметки, убиства, палења на коли.

Дури и пред полициски станици, како што беше случајот на Бит Пазар пред некој ден.

Ниту има превенција, ниту безбедносен систем, ниту ефективни истраги против криминалот и корупцијата.

Во мојот град, Прилеп, исто така е катастрофална ситуацијата.

За време на мандатот на Тошковски, во Прилеп се запалени 24 возила, опожарен е ноќен клуб, во двор од куќа е фрлена бомба, во друга е поставена експлозивна направа, а угостителските објекти станаа мегдан за насилство и оружени пресметки.

Со ДПМНЕ, Прилеп стана опасно и небезбедно место за живеење.

Овде пред мене ги имам точно сработено сите скандали што ги направи МВР во времето на мандатот на Панче Тошковски. Детално се образложени сите скандали“, рече Талески.

„Поднесувате кривични пријави за граѓани поради објави на Фејсбук, се изживувате врз народот, им се заканувате на родителите од Кочани, а криминални банди хараат по македонските улици.

Толку е МВР паднато на колена што пред очите на јавноста, во двор на полициска станица, се случуваат крвави пресметки со загинати и повредени.

Преку 30 инциденти со огнено оружје се имаат случено.

Се случи безбедносен скандал на скопскиот аеродром, каде што пиштолџија од обезбедувањето на претседателот на Собранието се закануваше со пиштол и нападна полицаец.

Се случи скандал и со организираното пуштање на слобода на Блерим Рамадани, баран со меѓународна потерница.

Понатаму, имаше серија скандали на северната граница со Косово.

Бодигардот на премиерот тепаше полицаец пред угостителски објект во Скопје, а Тошковски целосно го ослободи од одговорност.

Другиот бодигард на премиерот беше фатен во мега скандал со продавање службена тајна.

Ова е тотален распад на безбедносниот апарат.

И уште еден аспект ќе спомнам — неказнивоста на функционерите на ДПМНЕ.

Панче Тошковски во македонското собрание велеше: „Брат да ми е – ќе одговара“. Епа, еве еден брат, господине Тошковски. Братот на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, секако од ДПМНЕ, фатен на радар како вози пребрзо среде град, го сопрела полицијата да го казни, се јавил во МВР и го пуштиле.

Сега, откако беа живи фатени, излегувате на телевизија и велите дека го признавате скандалот.

Граѓаните не се наивни – да не го објавеше СДСМ скандалот, ќе го криевте и понатаму. Ниту ќе го признаевте, ниту ќе беше санкциониран било кој за тоа.

Функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а тоа им го овозможува првиот човек на МВР – Панче Тошковски.

Па уште отишол во станица и сам се пријавил братот на градоначалникот Стефковски, откако беше објавено видеото од него. Тогаш му проработел моралот, демек. Возел со 88 километри на час среде град, каде што е дозволено 50. За тоа возачка треба да му се одземе, кривични пријави треба да се поднесат, а не да раскажувате дека „се пријавил“.

Значи, вие што работите – чекате луѓето сами да се пријават? Или некој друг да ги открие скандалите?

За тоа ли нема одговорни за палењето коли во Прилеп? Да не чекате некој сам да се пријави? За тоа ли нема одговорност кај ниту еден функционер на ДПМНЕ?

Вие самите признавате дека не сте создале функционален систем. Ова е распад на системот што се случува.

Секојдневно луѓе ги губат животите на улиците поради несовесни возачи. Сообраќајки со тешки последици има на секој чекор.

Сѐ уште се свежи болните спомени за трагично прегазената Фросина.

И наместо ризични, остри мерки за почитување на законот по улиците, МВР и Панче Тошковски ги пуштаат функционерите на ДПМНЕ без казна.

Безбедноста е нарушена, криминалот и насилството се шират на секој чекор, во МВР владее тотален хаос и нефункционалност, а никој не презема одговорност.

Доста беше, господине Тошковски. Време е за одговорност.

Затоа, глас ЗА интерпелација на Тошковски е глас за враќање на законите на улиците, за враќање на безбедноста, за враќање на мирот и спокојот на граѓаните.

„Брат да ми е – ќе одговара“ е најголемата лага.

Затоа, глас ЗА интерпелација на Тошковски е глас за тоа законот да важи за сите – и за функционерите на власт.

Прв чекор за промени и итни реформи во безбедносниот систем и за зајакнување на јавната безбедност е разрешувањето на Тошковски“, нагласи Талески.

29.04.2025 - 13:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега