Мицкоски: Народот е желен за правда – ако судиите водат инает ќе се соочат со масовни протести, поддржани од мене
Јасно е дека мал дел од обвинителите и судиите се последниот браник на Владата на СДСМ и ДУИ. Јасно е од нивното однесување. И јасно е тоа што го прават дел од членовите на Судскиот совет дека, практично, тие ги поддржуваат тие политики и таквото однесување. Исто така недвосмислено е јасна одлуката на тие кои што ги гласаа, а тоа се пратениците во македонското Собрание, истакна премиерот Христијан Мицкоски денес од Ѓорче Петров, одговарајќи на новинарско прашање.
-Кога тие кои што претходно ви ја дале довербата, ви гласаат интерпелација, односно недоверба, доблесно и чесно е да не правите трикови и да не барате дупки во законите, да си заминете. Многу едноставно. Гледаме дека поединци од таму тераат инает, мислат дека со инает ќе успеат нешто да направат. Јас сум постојано со народот и го слушам народот како реагира. Сакам да кажам дека доколку не постапат соодветно на одлуката на тие кои ги бираа, а тоа се парламентарците, се плашам дека може да им се случи народ. Да се самоорганизира и да протестира затоа што народот е желен за правда. Ние излеговме на избори, освоивме пола милион гласови, нас ни беше многу важен дел од програмата – правдата. Правда за сите, не само за поединци. И во име на тоа, имам чувство дека доколку дојде до ваква ескалација и да излезе народ да протестира, дека тој може да биде многуброен и нормално, поддржан од мене, порача премиерот.
„Ако се служат со трикови, водат инает, може да се самоорганизира народ и ќе им се случи народ“, заклучи Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа