Ковачки: Судскиот совет стана полигон за партиски инсталации
„Нашата држава, нашите институции и пред сè нашите граѓани заслужуваат правосуден систем што ќе биде симбол на правдата, транспарентноста и владеењето на правото. Судскиот систем мора да функционира како независен столб на демократијата, ослободен од политички, економски и било какви други влијанија што би можеле да ја компромитираат неговата основна мисија заштита на правата на граѓаните и обезбедување правична и ефикасна правда. Наместо да биде инструмент во рацете на моќниците, судството мора да биде гарант на правниот поредок и силен браник против злоупотребите и корупцијата“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната пленарна седница во Собранието.
Ковачки продолжи и додаде:
„За жал, сведоци сме на долгогодишни системски слабости, судски скандали и институционални неправилности кои сериозно ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем. Наместо да се гради правна држава во која сите се еднакви пред законите. Се почесто гледаме дека одредени структури уживаат заштита од одговорност додека обичниот граѓанин се соочува со бавни, неефикасни и често неправедни судски процеси“, вели Ковачки.
Ковачки потенцираше дека Судскиот совет стана полигон за партиски инсталации и алатка за заштита на криминалот на СДСМ и ДУИ.
„Павлина Црвенковска во минатото беше шеф на кабинет на поранешниот премиер Владо Бучковски, не треба да се заборави дека Бучковски не беше само премиер, туку беше лидер и на СДСМ што недвосмислено покажува дека Црвенковска е длабоко вкоренета во партиските структури. Ова значи дека нејзиното дејствување во Судски совет не е резултат на стручност или независност, туку на политички договори и долгогодишни релации со партијата што ја поставила на одговорна позиција. Нејзиниот избор кој очигледно беше политички мотивиран ја донесе во Судскиот совет иако немаше ниту еден ден судиско искуство иако можеби тоа не е формално незаконски во суштина претставува понижување за долгогодишните судии кои ја градат својата кариера со труд и посветеност, надевајќи се дека еден ден токму поради нивната професионалност ќе бидат дел од ова тело. Наместо нив, на клучни позиции доаѓаат лица со партиски или други заслуги што само ја потврдува заробеноста на судството и клиентелистичкиот систем кој го уништува интегритетот на правосудните институции“, заклучи Ковачки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа