Сиљановска-Давкова: Јас не сум чула луѓе да менуваат химна, дури и во рамките на ЕУ
Нема потреба од промена на химната одговори денеска претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова која појасни дека треба да се биде претпазлив околу промената на државните симболи.
„Ако ме прашувате за химната, апсолутно мислам дека нема потреба од промена. Химната никогаш не одразува сегашност туку секогаш изразува историска меморија, генеза и ние немаме право. Јас не сум чула луѓе да менуваат, дури и во рамките на ЕУ, во обидот да се донесе Уставот во 2005 година, беше предвидена химна, но не дојде до тоа. Сите народи низ историјата креирале песни или химни кои се најважниот државен симбол. Текстовите на химните во најголемиот број на држави се во Уставот. И описот на знамето во најголемиот број на држави е во Уставот. Грбот е опишан во Уставот, во законот над законите“, кажа Сиљановска Давкова при посетата на Македонската академија на науките и уметностите.
Околу промената на државниот грб, вели дека е точно дека тој содржи „симболи кои што повеќе укажуваат на географијата отколку на нешто што било белег низ историјата“.
Додава дека има дилема околу моментот на отворањето на прашањето.
„Не негирам дека низ историјата, најприсутнот симбол бил црвениот лав на златната основа, не го негирам тоа, го кажуваа тогаш и во Собрание, но, мојата дилема е дека секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања и симболи, со таква страст тоа го правиме што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Се плашам да не влеземе во нови страсни конфликти, симболите би требало да обединуваат, а не да разединуваат“, кажа претседателката на државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа