По Нова Година сите ќе одиме на превентивни прегледи

 

Поради огромниот  интерес од јавноста за превентивните прегледи кои ги најави Фондот за здравствено осигурување, на денешната прес конференција се објаснија деталите за овој проект.

Од 01 јануари 2014 година од страна на матичните лекари ќе бидат повикани 1.2 милиони  осигуреници да направат превентивни прегледи кај матичните лекари и врз основа на резултатот, ќе се утврди дали е потребно да се испрати осигуреникот кај специјалист.

Фондот ќе превзема активна улога во грижата за здравјето на граѓаните, а не само да плаќа за лекување, истакна на прес конференцијата директорката на Фондот, м-р Маја Парарџиева Змејкова. За да се зголеми свеста за одговорноста и грижата за сопственото здравје кај осигурениците, ФЗОМ во соработка со Здружението на матични лекари на Република Македонија договори да се започне со спроведување на скриниг прегледи кај матичните лекари за трите најчести незаразни заболувања: кардиоваскуларни заболувања, шеќерна болест и бубрежна болест.

Превенцијата за овие три заболувања ќе се прави поради тоа што последиците и компликациите од овие три заболувања имаат висок моралитет, меѓусебно си влијаат и освен хипертензија, коронарна артериска болест, мозочен удар, може да доведат и до дијабетично стапало и катаракта, оштетена бубрежна функција која завршува со дијализа и потреба од трансплантација на бубрег, доколку не се откријат на време, истакна д-р спец. Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Република Македонија.

Имено за прв пат се воведува примарна превенција (рано откривање) и секундарна превенција (квалитетно следење на здравствените услуги).

Овој систем предвидува:
1.    За веќе дијагностицирани пациеннти од било кое од овие три заболувања, матичниот лекар да му врачи потсетник на својот пациент кои прегледи треба да ги направи во текот на годината и што треба да прави за да се спречат било какви компликации и совети како да се грижи за своето здравје;
2.    За здравите осигуреници на возраст од 15 -65 години, матичните лекари ќе ги повикаат своите пациенти да направат лабораториско испитување за да се утври ризикот од дијабетес, од кардиоваскуларно или од бубрежно заболување. Ќе се прават биохемиски лабораториски испитувања, глукоза во крв, вкупен холестерол во крв, креатинин во крв и протеини во урина. Во зависност од резултатот на испитувањето, ќе има  редовно следење на состојбата, а во случај да е потребно, праќање на секундарно ниво. Со ова ќе може да се следи и квалитетот на терапијата која ја примаат за определеното заболување и спречување на влошување на болеста, односно појава на компликации.

Д-р спец. Влатко Миташев истакна дека новина во овој пристап е што во пракса се вклучуваат и специјалистите, со што се создава тим од матични лекари и специјалисти кои ќе ги пополнуваат обрасците за оценка на ризик од трите заболувања.

Во втората фаза од овој проект ФЗОМ ќе изработи софтвер за регистрација на пациентите, следење на нивната здравствена состојба кој ќе биде потсетник како за лекарите, така и за самите пациенти во извршување на периодични прегледи.

Парнарџиев Змејкова искажа благодарност во име на Фондот до здруженијата на нефролози, ендокринолози и кардиолози. Со овој системски пристам ќе се овозможи рано и навремено откривање на овие заболувања, кои со право се тивки убијци во модерниот свет и истите во светски рамки се најголем финансиски товар во општеството. Успехот од сето ова би било кога ќе спасиме луѓе од прерана дијализа, ампутација на екстремитети, слепило, инфаркт и други компликации кои се резултат од негрижа за здравјето.

-Затоа апелираме до осигурениците поради сериозноста на овој проект и испитувањата кои се прават кај избраните лекари да не го игнорираат повикот на матичниот лекар, туку напротив и самите да бидат иницијатори за реализација на овие прегледи, велат од ФЗОМ.

29.12.2013 - 13:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега