ФОТО: Запленети 4 кила кокаин од групата на Раде Штекли
МВР пронајде и заплени кокаин кој припаѓал на криминалната група на Раде Трајковски – Штекли, кој се наоѓа во затворот во Шутка.
- Во рамки на дополнително преземени оперативно тактички мерки и активности, а врз основа на увид и анализа на материјалните докази, обезбедени при реализација на криминалистичка истрага на 18 и 19.01.2025 година, за сузбивање на организирана криминална група инволвирана во набавка и улична продажба на наркотични дроги, на 10.02.2025 беа пронајдени и обезбедени нови материјални докази, информираат од МВР.
На две локации во Скопје, при претрес на возило, дом и други простории пронајдени и одземени се околу четири килограми наркотична дрога кокаин.
- Истрагата и понатаму продолжува во координација со надлежниот јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, а јавноста ќе биде навремено информирана за сите нови информации поврзани со случајот, велат од МВР.
На Фејсбук се огласи и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
-Одземени се над 4 килограми кокаин од групата на Штекли. Упорноста и професионализмот се клучни за успешната истражна работа. Во координација со Јавниот обвинител, продолжуваме со активностите против оваа криминална група. По само нецел месец од претходната акција, повторно запленивме значителна количина дрога од истата банда. Борбата против недозволената трговија продолжува – нема непобедливи криминални структури, напиша Јанев.
____________________________________________________________________________