Новитети во Проектот 35/45

 

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска информираше дека од наредната академска година во рамки на Проектот 35/45 ќе може да се запишуваат жени со 30 и мажи со 35 години. Одлуката ја донесе Владата врз основа на направените анализи дека оваа возрасна група е заинтересирана за дооформување на образованието.

- Целта е оваа можност под истите поволности и останати услови како и досега, да им се понуди на уште поголем број лица кои сакаат да го формализираат своето високо образование, а кои поради какви било причини во минатото, не можеле да го сторат тоа, објасни Ристовски.

Министерот упати апел заинтересираните да ги изберат техничките програми бидејќи тие кадри се дефицитарни на пазарот на работна сила. Може да се запишат лица кои претходно имаат завршено четиригодишно средно образование и заснован работен однос на неопределено време или пак невработените лица кои се пријавени во Агенцијата за вработување најмалку пет години. Се запишуваат со кофинансирање на студиите од 200 евра годишно.

Проектот се имплементира четири години и досега го искористиле вкупно 1.200 лица, односно искористеноста на понудените студиски програми е 50 проценти. Најмногу биле заинтересирани за техничките и природно математичките, општествените, медицинските и биотехничките програми.

- Очекуваме овие бројки во иднина да се зголемуваат затоа што според сознанијата и досега имаше интерес кај многу лица кои поради недоволан возраст не можеа да ги искористат бенефициите. Ова е шанса за сите нив, да си го подобрат и зголемат степенот на образование, а со тоа да станат повеќе вреднувани и платени онаму каде работат, или пак за невработените да станат повеќе конкурентни на пазарот на трудот.

28.12.2013 - 14:19
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега