Падна договор: Крај на војната Хамас - Израел

 

Израелската влада и Хамас постигнаа договор кој ќе ги запре борбите во Газа и ќе доведе до постепено ослободување на заложниците и палестинските затвореници, изјави за Си-Ен-Ен извор запознаен со разговорите.

Според договорот, кој допрва треба да биде официјално објавен, се очекува Хамас и неговите сојузнички милитантни групи да ослободат 33 заложници заробени за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.

За возврат, Израел ќе ослободи стотици палестински затвореници.

Откако ќе биде ратификуван, договорот се очекува да им овозможи на палестинските цивили да се вратат во северниот дел на Газа и да добијат масовен прилив на хуманитарна помош во Појасот Газа, каде што жителите долго време се соочуваат со тешки хуманитарни услови.

Хамас го одобри договорот и го достави својот одговор до посредниците, изјави за Си-Ен-Ен високиот функционер на Хамас, Басем Наим.

Во посебна изјава, групата рече дека се консултирала со сојузничките милитантни групи во врска со предложениот договор.

„Движењето се осврна на ова прашање со целосна одговорност и позитивност, што произлегува од неговата должност кон нашиот непоколеблив и отпорен народ во Појасот Газа, да ја запре ционистичката агресија против нив и да стави крај на масакрите и геноцидот со кој се соочуваат“ соопштија од Хамас.

Канцеларијата за медиуми на Хамас им порача на жителите на енклавата да не ги напуштаат своите домови додека примирјето официјално не стапи во сила, пренесува „Танјуг“.

Израел и Хамас синоќа постигнаа начелен договор за размена на заложници, а како што претходно денеска објави „Тајмс оф Израел“, тие работеа во Доха на финализирање на деталите од договорот.

15.01.2025 - 19:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега