Работите конечно мрднаа од мртва точка: Во ЛА изгаснати се три, пожарникарите се борат со уште три „чудовишта“

 

Од шесте пожари што ја зафатија областа на Лос Анџелес, три се ставени под контрола и со нив се изгаснати 50 проценти или повеќе од областа под оган, додека најголемиот пожар во Пацифик Палисадес се уште е надвор од контрола, како и пожари во Итон и Арчер објавија денеска американските медиуми.

Пожар во богатото предградие на Лос Анџелес, Пацифик Палисадес, се прошири на исток во текот на ноќта, при што противпожарните екипи и авионите ги фокусираа дополнителните напори во областа на кањонот Мандевил, објави Си-Ен-Ен.

Според последните извештаи на пожарникарите, во пожарот во Пацифик Палисадес, кој се прошири на 21.596 хектари, досега се ставени под контрола само осум отсто од површината зафатена од пожарот.

Пожарот во Итон, кој изгоре 14.117 хектари, досега е локализиран на само три отсто од површината под оган, а пожарот во Арчер, кој изгоре 19 хектари, е целосно надвор од контрола.

Најголем успех досега пожарникарите имаа во гаснењето на пожарот во Лидија, кој зафати 395 хектари земја и сега е 98 отсто локализиран и во гаснењето на пожарот во Херст, кој се прошири на 771 хектар и сега е локализиран 70 отсто, додека пожарот во Кенет, кој изгоре 1.052 хектари, досега е изгаснат во половина од погодената област.

Поради смртоносните пожари во Лос Анџелес, околу 100.000 жители сè уште се под наредба за евакуација.

Според проценките на Калифорниската противпожарна служба, повеќе од 10.000 објекти најверојатно биле оштетени или уништени само во пожарите во Итон и Палисадес.

Областа на Лос Анџелес и понатаму е под предупредување за црвен пожар, иако пожарникарите се надеваат дека ветровите би можеле да се смират во текот на ноќта, што ќе им овозможи да се справат со некои од најголемите пожари.

Ветровите се очекува повторно да зајакнат во текот на викендот, а на почетокот на следната недела би можеле да се вратат ветровите Санта Ана, што би можело да ги разгори сите пожари кои се уште се активни, пренесува Танјуг.

 

11.01.2025 - 12:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега