СДСМ: Потребен е итен политички дијалог за да се надмине тековната криза
Шокантно е што Владата и Митева излегуваат со став дека прашањата за безбедноста, мирот и иднината на нашата држава не се доволно важни за лидерска средба, особено во услови кога секојдневно има нови вооружени инциденти на улиците и растечки тензии со подгревање на меѓуетничките односи, велат од СДСМ.
„Вчера повторно се пукаше во Чаир, има и повредени, пред само еден ден запалени беа возила и дуќан во Куманово а претохдно се пукаше среде Скопје. Над 25 инциденти со огнено оружје се случија во изминатите неколку месеци.
Од друга страна се случија сериозни инциденти со палења на македонското државно знаме, деца во униформи во училишта, повици за реваншизам и дополнителни тензии. Сериозно се подгреваат страстите кои влијаат на влошување на меѓуетничките односи, а кои се темел на стабилноста на земјата.
Затоа неопходно е сите релевантни политички чинители да преземат одговорност за смирување на растечките тензии и обезбедување стабилност.
Дали Владата смета дека е нормално премиерот да не гледа потреба за лидерска средба во ваква сериозна состојба?
Потребен е итен политички дијалог за да се надмине тековната криза, да се смири наелектризираната атмосфера и да се испрати јасна порака до јавноста за смирување и стабилност.
Одбивањето на иницијативата за лидерска средба го засилува сомнежот за политичка калкулација и испраќа опасна порака – дека некои политички фактори во власта имаат интерес од продолжување на тензиите“, стои во соопштението на СДСМ.
03.12.2024 - 14:28
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа