Од ДУИ се пожалија: Албанците веднаш ги казнивте, а тие што го запалија албанското знаме се уште не

 

Демократската унија за интеграција итно ја бара оставката на Министерот за внатрешни работи поради неоправданата и безпреседан полициска интервенција за време на синоќешните прослави на Денот на албанското знаме. Оваа интервенција не само што ги попречи мирните и традиционални манифестации на Албанците, туку предизвика непотребни тензии и инциденти кои ја нарушија меѓуетничката хармонија во земјата. Вака реагираат вечерва од ДУИ по донесените одлуки за 8дневен притвор на три лица кои го уништија македонското знаме.

„Дополнително, денес сме сведоци на селективен и пристрасен пристап од страна на органите на редот. Додека граѓаните Албанци кои го запалија државното знаме се приведени и казнети, оние кои го запалија албанското знаме остануваат неказнети. Овој дискриминаторски и неправеден пристап е неприфатлив и ја поткопува довербата на граѓаните во државните институции, дополнително продлабочувајќи ги поделбите и тензите во општеството.

Министерот за внатрешни работи не успеа да обезбеди праведен и професионален пристап кон овие инциденти, покажувајќи неспособност и недостаток на одговорност за справување со меѓуетничките ситуации со потребната внимателност. Поради ова, бараме неговата итна оставка.

Демократската унија за интеграција останува посветена на заштитата на правата и достоинството на Албанците, како и на зачувувањето на соживотот и стабилноста во Република Северна Македонија. Нема да толерираме институциите на државата да се користат за дискриминаторски политики кои ги нарушуваат правата на граѓаните и меѓуетничкиот соживот“, реагираат вечерва од ДУИ.

29.11.2024 - 19:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега