Приватните автобуси и денеска не возат низ Скопје

 

 Приватните превозници денеска нема да возат низ скопските улици, но се надеваат дека од понеделник ќе се вклучат во сообраќај. По вчерашната средба со советниците на ВМРО-ДПМНЕ на која беше договорено на вонредна седница на Советот да биде донесена одлука за зголемување на цената за изминат километар од 70 на 100 денари, превозниците изјавија дека се откажуваат од блокадите што претходно ги најавија, оценувајќи го предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како одличен.  

- Треба да направиме координација со нашите превозници, знаете дека финансиски ние сме исцрпени. Треба да видиме дали ќе ни се исплатат средствата, да видиме што ќе каже градот во однос на ова и откако ќе ја направиме консултацијата, ќе донесеме одлука од кога ќе почнеме да возиме. Се надевам дека од понеделик наместо блокади, ние ќе бидеме на скопските улици и ќе бидеме на сервис на градот Скопје, изјави Јовица Зафировски како претставник на приватните превозници. 

Јавниот градски превоз вчера повторно се најде во фокусот на јавноста откако приватните превозници најавија дека доколку не се исполни нивното барање за зголемување на цената за изминат километар, од понеделник ќе ги блокираат улиците. Тие ги исклучија автобусите од сообраќај во знак на револт поради тоа што нивното барање за зголемување на цената за изминат километар не се најде на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје. 

По преписките и меѓусебните обвинувања на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претседавачот на Советот, Трајко Славески за тоа зошто оваа точка не се нашла на дневен ред на седница на Советот, вчера попладне се одржа средбата меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и приватните превозници.

Градоначалничката Арсовска во ваквиот потег гледа обиди за креирање на нова политички мотивирана криза поврзана со јавниот превоз во главниот град. Во соопштението испратено до јавноста, Арсовска наведе дека од нејзина страна како градоначалник веднаш е доставено мислење и дека се исполнети условите за оваа точка да се стави на дневен ред. 

На ова реагираше претседателот на Советот на Град Скопје, според кого градоначалничката Арсовска повторно лаже и манипулира со членовите на Советот и со македонската јавност.- Во случајов со лаги сака да се извлече од обврската до Совет на град Скопје да достави предлог-Одлука во врска со барањето на приватните превозници за зголемување на тарифата за изминат километар, во рамките на системот на јавен превоз на територијата на град Скопје, рече Славески

Вонредна седница вчера побараа и советниците на Град Скопје од редовите на СДСМ.

– Додека претседателот на Советот, Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска си ја префрлаат топката кој е крив и кој треба да го реши проблемот, скопјани повторно се оставени на цедило да кубурат со нередовен и дотраен јавен превоз. Наместо да се грижат за граѓаните, ВМРО ДПМНЕ три години се кара и води инает со градоначалничката Арсовска, истата која ја промовираа за најдобра менаџерка и ветуваа дека Скопје ќе биде модерна метропола, со бесплатен превоз и нови 250 автобуси, посочија од СДСМ преку соопштение.

Според опозициската СДСМ, одговорноста за состојбата со јавниот превоз е директна вина на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои велат „во континуитет одбиваат да гласаат за набавка на нови еко автобуси“.

Проблемот со јавниот градски превоз кулминираше и минатата недела кога автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие останаа без нафта откако беше поништена јавната набавка. Во сообраќај беа пуштени само 30-тина автобуси од кои 25 кои возат на природен гас и уште неколку кои имаат резерва на нафта. Со одлука на Владата беше одобрено од државните резерви да се отстапат 250 тони нафта кои според проценките треба да бидат доволни додека да се реализира новата јавна набавка за нафта.

 

Синоќа во телевизиско интервју градоначалничката Арсовска на прашањата дали ќе има повторно проблем со набавката на нафта за автобусите на ЈСП - Скопје и дали граѓаните нема да можат да го користат јавниот превоз реле дека зависи од директорката на Бирото за јавни набавки, изјави вечерва градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. 

Иако таа е градоначалник на Скопје, како што вели, власта е во рацете на мнозинството во Советот што е предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Според Арсовска, немањето гориво за автобусите на ЈСП е поради политика и одговорноста треба таму да се бара. 

-Постапката е отпочната на време. Направена е како што треба. Испочитувани се законските рокови, поминато е времето на жалба и на денот на склучување на договорот, доаѓа директорката на Бирото за јавни набавки и во првите управни контроли што ги прави, ја прави управната контрола и со целото свое знаење и одговорност што ја носи како директор на таа институција донесува одлука со која што ја поништува јавната набака знаејќи кои се реперкусиите од тоа што се прави, рече Арсовска. За тоа зошто на тендерот се појавува само една фирма, градоначалничката вели дека може да посочи стотици други јавни набавки во кои се појавила само една компанија и не биле спорни. 

Од Владата најавија и набавка на нови 100 до 120 електични автобуси, кои според најавите, треба да пристигнат до следната летна или есенска сезона. Премиерот Христијан Мицкоски  вечра на седницата на пратенички прашања, рече дека првата рата е предвидено да биде исплатена во 2028 година.  

Одлуката за набавка на електрична автобуси, за градоначалничката на Град Скопје е задоцнета. Таа во изјава дадена пред некој ден на примопредавањето на донацијата на шест еколошки автобуси од страна на Европската унија, рече дека секојдневно три години на седници на Советот на Град Скопје ја поставува точката за набавка на 250 еко автобуси. 

-  Најавата, која што ја слушнав од медиумите, доколку е вистина, можам само да ја поздравам и да кажам дека е задоцнета затоа што Владата имаше мнозинство во Советот на Град Скопје и веќе трета година по ред можеше да донесе иста или слична одлука без разлика дали се работи за задолжување или, пак, се работи за средства што градот Скопје ги има од сопствен капацитет и коишто можел да ги покрие, изјави Арсовска во вторникот. 

Според неа, долгот на централните власти кон Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје од јануари идната година ќе изнесува десет милиони евра и Советот треба да дискутира дали воопшто ќе има бесплатен превоз за сите, а не само за студентите. 

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација вчера преку соопштение оцени дека недостапноста на јавниот превоз дискриминира повеќе категории на граѓани. 

- Недостапноста на јавниот превоз непропорционално повеќе засега одредени групи на граѓани како жени, млади луѓе и ученици, пензионери и други возрасни лица, Роми, луѓе што живеат во населби пооддалечени од центарот на градот. Особено е загрижувачка состојбата со јавниот превоз од населбата Шуто Оризари, каде повремено возат само приватни превозници, со што се врши дополнителна дискриминација врз основа на етничка припадност и раса, соопштија од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Изразуваат загриженост и за неможноста учениците да посетуваат настава, да го остваруваат правото на образование поради недостапноста на јавниот превоз, гарантирано со член 44 од Уставот, каде е наведено дека образованието е достапно на секого под еднакви услови.

Вчера и од политичката партија ДОМ ги повикува советниците на град Скопје да се одважат и гласаат за набавка на нови еколошки автобуси во интерес на здравјето на граѓаните на Скопје

 

29.11.2024 - 07:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа