Зошто и ние денеска не славиме Божиќ?
Католичките верници и дел од православните христијани кои се водат според Грегоријанскиот календар вчера го празнуваа Бадник, а денеска го одбележуваат денот на Христовото раѓање Божик. По две недели и преостанатиот дел од православниот свет, кој празнува според Јулијанскиот календар, ќе го прослави Христовото раѓање, единствен настан за христијаните, со единствено значење, но, за жал, без единствен термин за негово одбележување.
Во христијанството се уште има разлики за тоа кога треба да се слави Божик и другите верски празници, пред се поради догматските несогласувања меѓу црквите и различните системи на мерење на времето. Така католиците и дел од православните христијани кои го прифатиле Грегоријанскиот календар, Божик го слават на 25 декември. Дел од православните цркви кои се водат според (стариот) Јулијанскиот календар, раѓањето Христово го одбележуваат на 7 јануари.
Иако се правени обиди за усогласување на празнувањата, разликите остануваат. И покрај укажувањата на математичарите дека ако продолжат да се применуваат и двата календара, дел од православците Божик во 2101 година, наместо на 7-ми, ќе го слават на 8-ми декември. Тоа е затоа што стариот Јулијански календар доцни зад соларниот еден ден на секои 128 години, што кај Грегоријанскиот календар се случува на 3.300 години.
Историја
Во времето на Отоманската империја Цариградскиот патријарх Еремија го одбил предлогот на Папата за прифаќање на Грегоријанскиот календар и за усогласување на верските празници. Примената на Грегоријанскиот календар во православните христијански цркви почна во првите децении на 20-иот век, на инсистирање на Вселенскиот патријарх Јоаким.
Во 1919 година новиот календар е прифатен во Кралството на СХС, во 1923 во Грција, а потоа и во Бугарија, Романија, Турција...
Меѓутоа, дел од калуѓерите на Света Гора, Ерусалимската патријаршија, Руската, Српската и Македонската православна црква и натаму се водат според Јулијанскиот календар, за разлика од Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар.
Стариот Јулијански календар според кој се води и Македонскита православна црква датира од 46 година п.н.е, кога римскиот император Јулиј Цезар го ангажирал александрискиот астроном и математичар Сосиген да изработи нов попрецизен календар. Тогаш во Рим се воведува календар базиран на египетскиот со 365 дена, поделени во 12 месеци, наречен Јулијански според Јулиј Цезар. Во него секоја четврта година е престапна, а 366-тиот ден се додавал во февруари кој бил последен месец во годината. Со новиот Јулијански календар почетокот на новата година, што дотогаш бил во март, е префрлен на 1 јануари.
Во 325 година од нашата ера на првиот Вселенски собор на тогаш единствената Христијанска црква во Никеја е одлучено да биде прифатен Јулијанскиот календар и по него да се сметаат значајните датуми од историјата на христијаните. На Соборот во Никеја учествувал и претставник на градот Скупи, своевремено голем регионален културен центар, врз чии ѕидини е изградено Скопје.
Подоцна е утврдено дека годината според Јулијанскиот календар е подолга за 11 минути и 14 секунди од природната соларна година, со што на секои 128 години се создава разлика од еден ден. Во 16 век разликата достигнала 10 дена што предизвикувало проблеми во одредувањето на Велигден, најголемиот христијански празник што секогаш се врзува за пролетната рамноденица и првата недела по првата полна Месечина.
Затоа Папата Гргур 13 во 1582 година извршил ревизија на Јулијанскиот календар, со што е создаден Грегоријанскиот календар, до денес општоприфатен во светот, според кој годините се бројат од раѓањето на Исус Христос. Со була на папата Гргур 13, денот по 4 октомври не се сметал како 5-ти туку како 15 октомври, со што е "испеглана" разликата од 10 дена. Разликата во траењето меѓу Грегоријанската и природната година е надмината со тоа што не е престапна баш секоја четврта година. Последните години од вековите што не се делливи со 400 без остаток, не се сметаат за престапни. На пример, 1900, за разлика од 2000 година не е престапна, бидејќи не е деллива со 400.
Иако многубројна популација луѓе, времето го бележат според свои календари кои имаат корени во нивната етничка и религиозна историја, Грегоријанскиот календар денес е главниот временски ориентир според кој најголем дел од луѓето во светот, меѓу кои и ние, го организираат времето и ги одбележуваат настаните. Таква е историјата. Но, каде сме ние со животот!?
Живот
Македонската православна црква, односно нејзините верници, световно живеат според Грегоријанскиот календар, а духовно – според Јулијанскиот. Нема да биде грешка, ако кажеме дека дури и црковните лица, световно живеат според Грегоријанскиот. Ако прашате дури и некој црковен великодостојник, кој датум е денеска, со најголема веројатност, ќе ви одговори 25 декември, а не 12 декември. Живеењето според два календари создава конфузија.
Во повеќе наврати е отвораео прашањето за ускладување на духовното живеење со световното, односно за изедначување, со тоа што и МПЦ ќе го прифати Грегоријанскиот календар, па и ние, како најголемиот дел од христијанскиот свет, денеска да славиме Бадник, а утре Божик. Од МПЦ засега не постои волја за такво нешто. Се повикуваат на догма. И тоа е единствената причина. Еве им контрапричини кои се зборуваат меѓу дел од нејзините верници, покрај онаа за комплицираноста на животот со два календара.
Прославата на Божик според Грегоријанскиот календар, пред новогодишните празници, има поголема тежина и посилна симболика. Тоа е најголемиот семеен празник. Тежиштето на празнувањето е на Бадник, односно на Божик. Таму Нова година им доаѓа како „пост фестум“. Излегуваат на плоштадите, гледаат огномети, отвораат шампањско... и толку.
Кај нас е обратно. Целата тежина на празнувањето оди на новогодишните празници, а прославувањето на Божик ни доаѓа како „пост фестум“. Ние Нова година ја славиме дома, како тие што го слават Божик, на богата софра, но во екот на Божикните пости. Како им е тогаш на верниците кои постат. Дали е оправдана отстапката на мал дел од нив кои велат, „ајде вечерва ќе мрсам, ќе ми прости Бог, па од утре ќе продолжам со постот“!? И, откако ќе се „испукаме“ на Нова година, славењето на Христовото раѓање, ни доаѓа како „пост фестум“’. Па, ако сакате и од финансиски аспект. Ќе се испотрошиме за Нова година, па за Божик – скромно. Како во социјализмот.
И до кога ние ќе мораме да се лажеме себе си дека Елката е новогодишен симбол, а не Божикно дрвце или дека Дедо Мраз носи подароци за Нова година, а не за Божик. До кога нема да знаеме дека целата новогодишна сценографија и декорација која, некако ни е наметната, всушност е Божикна. До душа, не ни е наметната со сила, туку не сме умееле ние да смислиме нешто подобро...
Преминувањето на Грегоријанскиот календар би било рационално и од аспект на прецизноста на календарите. Јулијанскиот е постар, понесовршен, а со тоа и понепрецизен. Кај него на секои 128 години се јавува еден ден повеќе, а кај Грегоријанскиот „денот-вишок“ се јавува дури на 3.300 години.
Ако српската црква (СПЦ) ни е реперот, што ќе правиме доколку тие решат да преминат на Грегоријанскиот календар. Што ќе правиме ние тогаш со догмата? Или тогаш „таа догма нема да биде догма“. Ако МПЦ искрено сака да ја изрази својата посебност од СПЦ, ете и уште една убава можност.
И на крај, барањата на бизнис заедницата со укажувањата дека вака 15-ина дена не сме компатибилни со Европа и другите држави, се многу реални односно световни. А бизнисот, духовен живот – нема.
Бизнис
Стопанствениците повторно ја актуелизираат иницијативата за усогласување на православниот со католичкиот Божик. Бараат Владата да донесе закон што ќе го регулира ова прашање поради кое, велат, најмногу трпи бизнисот, а се консултирале и со Македонската православна црква.
Според Сојузот на стопанските комори (ССК), официјален став на Синодот е дека „за оваа работа треба да се почека, дека сега не е време...“, но, според поединечните разговори со владиците за евентуални измени на датумот, канонски пречки нема.
- Нашата иницијатива трае веќе пет години. Сметаме дека усогласувањето на датумите за славење на Божик ќе им помогне многу на фирмите, особено на извозно ориентираните зашто ќе се намали периодот во кој не е можно нашите компании да соработуваат со своите западноевропски партнери. Тие слават од 24 декември до Нова година, а ние од Нова година до 7 јануари, велат од ССК.
Петнаесетина дена разидување со партнерите од странство за македонскиот бизнис значи многу. Притоа, мора да се земе предвид фактот дека за време на католичките Божикни празници има еден период кога се слават и големи семејни празници. Тогаш се „стои“, никој не работи низ цела Европа.
- Нашите фирми тие 7-8 дена пред Нова година не можат да работат ниту извозно, ниту увозно. По Нова година, пак, ние славиме, а западна Европа работи. Се удвојува периодот во кој не може да се работи. Тоа треба да се корегира. Многу православни цркви, како Бугарската, Грчката, Романската... ја имаат направено оваа работа, додаваат од ССК.
Согласно разговорите со високиот клер на МПЦ, не постои канонска пречка да се направи тој трансфер од Јулијанскиот кон Грегоријанскиот календар.
- Ние сме во таква економска ситуација што секоја, макар и козметичка мерка, за да го подобриме економскиот амбиент, е добродојдена. Бидејќи канонски пречки нема, како што ни беше речено, останува Владата тоа да го стори, а нејзиниот став беше дека би интервенирала веднаш ако има благослов од Црквата, истакнуваат од Сојузот.
Стопанската комора на Македонија, пак, ќе го поддржи секое решение што оди во правец на подобрување на условите за бизнис, вклучувајќи го и ова, на Сојузот на стопанските комори, со оглед дека значи прилагодување кон земјите каде што имаме најглем извоз, а тоа се главно државите од ЕУ. Единствен проблем би била Србија со која имаме значителна размена.
- Само три држави, Србија, Русија и ние, го слават Божик на 7-ми јануари. Објективно, тоа создава проблеми зашто додека се слави катаоличкиот Божик, странските компании кај нас не работат и обратно. Се отвора 20-дневен период на „пауза“. Но, досегашното искуство покажува дека нашите компании лесно се прилагодуваат на ова. Тогаш ги вршат ремонтите или заради вишоките трошоци, го намалуваат производството во тој период. Генерално, големите компании не трпат којзнае колкави штети, но помалите да, велат од Стопанската комора и додаваат дека замената на Јулијанскиот со Грегоријанскиот календар е црковна работа, а не е работа на Владата.
Некои од членките на Стопанската комора, се на став дека од несовпаѓањето на православниот и католичкиот Божик, реално не трпи никој.
- Фирмите не трпат никакви последици зашто и нивните странски партнери тој период не работат. Бизнис договорите не се склучени во некој од тие денови, туку најмалку два месеца претходно и си течат. Секоја сериозна компанија се организира, има служба за тоа, дежурни кои нема да дозволат пропаѓање на зделките поради празникот. Во јануари никој од Запад не доаѓа тука. Сите се дома и најчесто го продолжуваат празнувањето. Многу земаат и плус денови за одмор, за скијање, така што тој период се поклопува со нашиот празник, 7-ми јануари. Во оваа смисла, несовпаѓањето од една недела не е толку голем проблем, велат компании членки на Стопанската комора.
Околу 60 отсто од македонскиот извоз се реализира во земјите членки на ЕУ.
Причини ЗА и ПРОТИВ
Има многу причини ЗА прифаќање на Грегоријанскиот календар и од наша страна. ПРОТИВ нема, освен догмата. Време е МПЦ да отвори процеси за тоа. Ќе биде тешко, но треба да се почне, некогаш и од некаде. За почеток нека си ги потпраша МПЦ верниците... Не дека е лесно и не дека нема противници и меѓу верниците за тоа, но рационалноста, а веројатно и мнозинскиот дел од верниците...
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа