Сиљановска Давкова ја прими новата канадска амбасадорка - двете држави ќе соработуваат во повеќе области
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Канада со седиште во Белград, Мишел Камерон.
Посакувајќи ѝ добредојде на амбасадорката Камерон, претседателката Сиљановска Давкова на церемонијата на предавање на акредитивните писма изрази надеж дека за време за мандатот на амбасадорката ќе се отворат нови можности за проширување на соработката и за продлабочување на пријателството меѓу двата народа и изрази очекување за зајакнување на врските помеѓу двете држави.
„Во оваа пригода би сакала да изразам благодарност за поддршката којашто Канада ѝ ја дава на мојата земја во процесот на реформите и на нашата интеграција во ЕУ, како и за нашето партнерство и соработка во рамките на НАТО. Тоа партнерство е особено значајно за нас и длабоко го цениме. Во време кога светот се соочува со многубројни предизвици, нашата соработка и солидарност се поважни од кога било“, рече претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи на можностите за зголемување на економската соработка, трговските врски и инвестиции, како и на соработката во областа на образованието.
„Младите генерации ученици, студенти, како и нашата администрација и институции, имаат потреба од стекнување нови знаења, усвојување напредни методи и решенија од канадскиот систем, што можат да бидат применливи и кај нас, а со цел поефикасно управување и поголем напредок на земјата на секое поле“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Амбасадорката Камерон ја истакна поддршката што Канада ја дава на нашата држава, истакнувајќи го партнерството во рамки на НАТО.
„Како партнери во НАТО, нашите земји работат заедно за да го надминат генерацискиот предизвик за безбедноста на Европа - и на светот“, рече амбасадорката Камерон, упатувајќи честитки за лидерската улога во НАТО, со именувањето на Македонка за заменик генерален секретар.
„Тука сум за да ги направиме нашите економии посилни преку иницијатива, претприемништво, трговија и инвестиции. Постои основа на која треба да се надградиме. Тоа го сметам за личен предизвик, можеби со помош на над сто илјади Македонци кои сега и Канада ја нарекуваат дома“, рече амбасадорката Камерон, истакнувајќи ги своите заложби за продлабочување и зајакнување на сите врски што ги обединуваат двете држави, а во функција на надградување на стратешкото партнерство, напредок на нашата држава кон Европската Унија и проширување на заедничката посветеност на безбедноста, демократијата и просперитетот.
Претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорката Камерон ѝ посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска мисија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа