Ако до петок нема плата, вработените во Улици и Патишта со механизација ќе одат пред Град Скопје
Ако нема плата, механизацијата од Улици и Патишта ќе биде паркирана пред бараките на Град Скопје.
Јавното претпријатие, под надлежност на Град Скопје, нема директор и вработените сѐ уште ја немаат земено октомвриската плата, а се жалат дека не е редовна во последните шест месеци.
Синдикалецот Марјан Ристески на прес-конференција ја соопшти одлуката.
-Ова веќе е неиздржливо. Овие луѓе си ја заработиле платата. Секој месец да се протестира за плата, луѓето бараат спас. Ако не дадат плата, ќе бидете сведоци на протест. Се јавуваат и од други јавни претпријатија во Градот, за да се вклучат, за конечно да се најде решение, рече Ристески.
Вработените вчера прстот го вперија кон градоначалничката Данела Аросовска и секретарот на Градот, Зоран Глигоров. Тврдат тие преку сега веќе разрешениот директор разрешениот директор Ванчо Умленски претпријатието го довеле во сериозни проблеми.
Според нивните тврдења, Улици и патишта е презадолжено кон добавувачи и должи 240 милиони денари. Селективно се исплаќале само фирми, за кои тие велат дека биле блиски до секретарот и до градоначалничката.
-Сметката е блокирана во износ од 10 милиони денари и извршни решенија во износ од 40 милиони денари кои ќе стапат на сила наредниов период. Во претпријатието нема основни средства за работа како нафта, ризли, тампон, рабници. Градежните машини и возила се со дефекти и не се сервисираат со месеци, соопштија вчера вработените.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа