Лавров: Американскиот ракетен напад врз Русија е нова фаза од конфликтот
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска вети „соодветен“ одговор на украинското истрелување на американски ракети АТАКМС кон Русија, осудувајќи го како американско мешање во војната во Украина и нарекувајќи го „нова фаза“ во тој конфликт.
„Доколку од Украина се истрелаат ракети со долг дострел кон руска територија, тоа значи дека тие се контролирани од американски воени експерти. Сметаме дека ова е нова фаза во западната војна против Русија и соодветно ќе реагираме“, изјави Сергеј Лавров на новинарите во Рио де Жанеиро, каде што учествува на самитот Г20.
Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека Украина истрелала шест американски балистички ракети „АТАКМС“ кон руската област Брјанск, 400 километри јужно од Москва и дека рускиот ракетен систем соборил пет проектили и оштетил една.
Ова беше направено неколку дена откако САД ја овластија Украина да таргетира руска територија со проектили со долг дострел обезбедени од САД.
Лавров рече дека Украинците не можат да истрелаат ракети АТАКМС „без помош од американски експерти и инструктори“, кои, како што рече, обезбедуваат „сателитски податоци, програмирање и таргетирање“.
Лавров оцени дека употребата на овие ракети за напади врз Русија е „сигнал“ дека Украина и Западот „сакаат ескалација“.
„Невозможно е да се користат овие технолошки напредни ракети без Американците“, повтори тој.
Лавров, исто така, му препорача на Западот да ја прочита „целосно“ новата руска доктрина која ја проширува способноста на Русија да користи нуклеарно оружје.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша амандман на нуклеарната доктрина според која голем конвенционален напад врз Русија од која било земја поддржана од нуклеарна сила ќе се смета за заеднички напад на таа земја и таа сила врз неговата земја.
„Меѓу условите кои ја оправдуваат употребата на нуклеарно оружје е лансирање балистички ракети против Русија“, се вели во доктрината.
Друг случај кој дозволува употреба на нуклеарно оружје е „да се стави на располагање територија и ресурси за агресија против Русија“, се вели во текстот потпишан од Путин.
Рускиот претседател го објави ова на крајот на септември и предупреди дека неговата земја може да користи нуклеарно оружје во случај на масовен воздушен напад врз Русија и дека секој напад што ќе го изврши земја која нема нуклеарно оружје, како што е Украина, но е поддржан од сила со атомско оружје, како што се САД, може да се смета како „заеднички напад“ кој потенцијално би барал прибегнување кон нуклеарно оружје, потсетува агенцијата Франс прес на документот објавен тогаш и потпишан денеска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа