САД ја предупреди Турција: Да нe пружа засолниште за раководството на Хамас

 


САД ја предупредија Турција да не дава засолниште за раководството на палестинската милитантна група Хамас, наведувајќи дека Вашингтон верува оти лидерите на терористичката организација „не треба да живеат удобно“.

Портпаролот на Стејт департментот Метју Мулер не одговори на прашањето дали одредени лидери на Хамас се преселиле во Турција од Катар, но рече дека не може да ги оспори наводите, пренесе „Ројтерс“.

Милер најави дека Вашингтон јасно ќе и стави до знаење на турската влада дека не може да има вообичаена соработка со Хамас бидејќи одредени лидери на таа група се со американски обвиненија, поради што треба да бидат екстрадирани во САД.

„Не веруваме дека лидерите на терористичката организација некаде треба да живеат удобно, а тоа секако го вклучува и големиот град на еден од нашите клучни сојузници и партнери“, изјави Милер за новинарите на редовниот брифинг, мислејќи на Турција.

Турски дипломатски извор денеска ги отфрли тврдењата дека Хамас ја преселил својата политичка канцеларија во Турција, наведувајќи дека членовите на палестинската милитантна група имале само повремени посети.

Катар минатата недела соопшти дека им кажал на Хамас и Израел дека ќе ги прекине напорите за посредување во преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците додека двете страни не покажат сериозност за продолжување на преговорите.

Турција го критикуваше Израел за неговата офанзива во Појасот Газа и Либан и не го смета Хамас за терористичка организација.

19.11.2024 - 09:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега