Мицкоски: Новата инвестиција од 8,5 милиони евра и 200 нови работни места на „Бреинчајлд“ ги потврдува нашите напори за развивање на економијата
Новата германско холандска инвестиција од 8,5 милиони евра и 200 нови работни места на „Бреинчајлд“ ги потврдува нашите напори за развивање на економијата и иновациите на пазарот, изјави премиерот Христијан Мицкоски на потпишувањето на двата договора за државна помош за два одделни инвестициски проекта во свечената сала во Владата.
Се работи за компанија формирана како заедничко вложување на група инвеститори од Германија и Холандија, кои практично се глобален производител на висококвалитетна спортска опрема за спортови на вода и ветер. Брендот „Бреинчајлд“ во Македонија има формирано две компании, и тоа: „Бреинчајлд продукција“ и „Бреинчајлд производство“.
„Бреинчајлд продукција“ е компанија што се занимава во активности за истражување и развој на новите производи преку користење уникатни репроматеријали, а со цел добивање специфичен материјал, кој е потребен за производство на опремата за спортови на ветер и вода. Инвестицијата е лоцирана во Битола, во постоен објект со големина од 1.500 м2.
Инвестицискиот план вклучува вложувања во адаптирање лабораторија за истражување и развој и набавка на нова современа опрема и машини. Согласно деловниот план, предвидено е компанијата да инвестира вкупен износ од најмалку 2.500.000 евра во период од 5 години, при што се планирани 40-ина висококвалификувани нови работни места.
„Бреинчајлд производство“, од друга страна, е компанијата што се занимава со сериското производство на опремата и елементите. Планот на сопствениците е да изградат целосно нов објект со големина од 3.000 м2 во индустриската зона Жабени кај Битола и да вработат околу 200 лица.
Според инвестицискиот план, почетокот на градбата се очекува да биде во 2025 година, а во текот на следните 5 години да се заокружи инвестицискиот циклус од речиси 8.500.000 евра или вкупно 11.000.000 евра. И покрај изградбата на новиот сопствен објект, целта на компанијата е да ја зачува и надградува постојната лабораторија за развој на нови производи и производни процеси, како и за испитување и создавање одржливи материјали.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа