Сиљановска Давкова го прими Извештајот на ЕК за напредокот за 2024 година
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Михалис Рокас, кој ѝ го предаде Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава за 2024 година.
Претседателката Сиљановска Давкова оцени дека извештајот претставува објективна слика, потсетник и патоказ за реформските приоритети и областите во кои е неопходен натамошен напредок и изрази надеж дека дава избалансирана оценка на севкупните достигнувања на земјата.
На средбата, претседателката истакна дека македонските институции ќе посветат внимание на препораките и насоките од извештајот, додавајќи дека во моментов со сите капацитети се фокусираат на доследно спроведување на реформите во клучните области, на економско закрепнување и справување со корупцијата.
Таа го поздрави Планот за раст потенцирајќи дека од суштинско значење е да се покаже неговата ефективност преку забрзување на реформите, искористување на целосниот потенцијал и максимизирање на придобивките за нашите граѓани и економија, што ќе влијае на ублажување на разочарувањата доживеани во текот на долгиот процес.
На средбата со амбасадорот Рокас, претседателката изрази очекување дека новиот пристап на постепена, фазна интеграција ќе продолжи паралелно со процесот на пристапување, што ќе придонесе за поголема вклученост на земјата во процесите, политиките и програмите на ЕУ и ќе помогне за зголемување на севкупната подготвеност и поефикасно преземање на обврските од идното членство.
Таа ја посочи важноста од објективна евалуација на спроведувањето на реформската агенда и забрзување на македонските евроинтеграции врз основа на принципот на заслуги и Копенхагенските критериуми.
Претседателката истакна дека полноправното членство во ЕУ е наша стратешка цел и не гледаме друга алтернатива и ја нагласи важноста од фер процес на пристапувањето во ЕУ, во кој ќе се почитува националната гордост и националниот идентитет на македонските граѓани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа