Костадинов му врати на Герасимовски: Во време на предизвици за СДСМ клучни се единството и колегијалноста

 

Во ова време на предизвици за СДСМ, од клучно значење е одржување на единството и колегијалноста. Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов му одговори на својот сопартиец и колега, во општина Центар, Горан Герасимовски по неговата забелешка дека одлуката општина Струмица да ја напушти ЗЕЛС е избрзана. 

-Недостатокот на сериозен политички однос и реално поимање на ситуацијата може да доведе до нова дестабилизација во нашите редови. Не се работи за избрзана одлука, туку за решителност да заштитам интересите на моите сограѓани. Се надевам дека и ти, со истата посветеност, ќе ги штитиш интересите на граѓаните на општина Центар. Во овој момент, верувам дека е поважно да размислуваме за поддршка на одлуките, отколку да констатираме или толкуваме. Политички СТАВ или партиска кариера се градат исклучиво на постулатот на единството. Така било, така е, а така и ќе биде. Само силни и сплотени можеме да биеме битки, вели Костадинов.

Герасимовски претходно во гостување на Канал 77 кажа дека верува оти работата на Костадинов е отежната поради политички притисоци, но дека одлуката за ЗЕЛС е избрзана.

-Верувам дека работата на градоначалникот е отежната, можеби има и политички влијанија и притисоци, но одлуката за напуштање на ЗЕЛС е избрзана. Проблемот со питката вода за пиење во Струмица е евидентен и сигурен сум за притисокот кој се чувствува од граѓаните, но сметам дека пред да се донесе конечна одлука претходно е неопходна координација, состанок и решавање на проблемите на маса, рече Герасимовски.

Овие преписки меѓу двајцата градоначалници од редовите на СДСМ доаѓа во време кога во јавноста незадоволство за состојбите во партијата изрази и поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој во објава на Фејсбук обвини СДСМ е заробена партија.

-Ај да не се лажеме !!! СДСМ е заробена партија. Уште од 2019 година. Со двајца октроирани “лидери” од јужните краишта. Тоа не е СДСМ. Тоа се тезгароши. Од Милановац. Горњи или Долни. Март е пролет !!! Пролет е СДСМ !!!!, напиша Шилегов.

26.10.2024 - 16:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега