Филипче: И како опозиција нема да отстапиме од посветеноста за обезбедување на квалитетен живот на граѓаните

 


СДСМ и како опозиција нема да отстапи од грижата и посветеноста за обезбедување на посигурен и квалитетен живот на граѓаните и на стопанството, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз и пратеник, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

„Ја повикувам Владата и сите пратеници дека ова не е време за застапување на партиски интереси туку за заштита на интересите на граѓаните. Мандатот на пратениците им го дале граѓаните и тие одговараат само пред нив, не пред партискиот лидер. Затоа, сите пратеници и од владејачкото мнозинство и од опозицијата треба да дадат поддршка на оваа иницијатива, да се издигнат над политичките разлики и да гласаат за подобар животен стандард на работниците. Ова решение е во интерес на сите граѓани, и сите ние носиме одговорност да се погрижиме за економскиот просперитет на нашата држава“, рече Филипче.

Со измените и дополнувањата што предлага пратеничката група на СДСМ и коалицијата за Законот за минимална плата се предвидува минималната плата да се зголеми на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3%. Методологијата за усогласување на минималната плата со порастот на трошоците за живот и просечната плата останува и понатаму како дел од овој закон, со тоа ќе обезбедиме сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните во иднина.

„Со ова, не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијаеме на порастот на просечната плата, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата“, порача претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче.

21.10.2024 - 12:17

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега