Вевчанци привршуваат со подготовките за карневалот
Од 10 до 14 јануари 2014 година ќе се одржи познатиот Вевчански карневал. Вавката манифестација која ќе се одржи под слоганот „Биди и ти вистински Василичар“ е позната меѓу луѓето по хуморот и сатирата со кои вевчани ги одбележуваат најзначајните настани во годината што изминала.
Детско василичарско катче за изработка на маски, натпревари во греано вино и ракија, тркалање буриња, влечење јаже, цепење дрва се само дел од активностите со кои Вевчанци и нивните гости ќе бидат анимирани во карневалските денови што ќе почнат на 10 јануари со промоција на книгата на Ристо Никоски.
На 11 јануари ќе се одржи вечер на афоризми со настап на шест истакнати афористичари и концерт на КУД Дримкол Вевчани. Ѓоко Танески и Куку Леле ќе настапат на 12 јануари, а главни ѕвезди на вечерта ќе бидат момците од рок бендот Ван Гог. Вечер на македонски ѕвезди е предвидена за 13 јануари, кога на сцената ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски.
Дневни акустичните свирки во амфитеатарот се новост во музичката програма, а за нив ќе биде задолжен етно составот Теодулија од Србија кои ќе настапуваат со македонски етно песни на чело со лидерот на групата Мима Шекуткоска, која има потекло од Вевчани.
Организаторите велат дека имаат за цел годинава во карневалската поворка со маски покрај вевчанци да се вклучат и посетителите на Вевчани, за да го почувствуваат василичарскиот дух и да бидат дел од големото карневалско доживување. За сите нив ќе бидат обележани куќи на гостопримство, каде ќе бидат пречекани од домаќините и ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети.
- Целата општина се заложува за беспрекорна организација на претстојниот карневал. Работевме детално, ги извлековме најдобрите активности од се што беше предложено и понудено и засега можам само да ветам дека не очекуваат навистина интересни содржини. Токму затоа ја поздравувам целата јавност и ја поканувам да биде дел од ова василичарско доживување, изјави Цветомир Угриноски, градоначалник на општина Вевчани.
Годинава се враќа и стариот обичај да се одбере најдобра групна маска на која ќе и биде подарено буре црвено вино.
Вевчанскиот карневал има традиција подолга од 14 векови. Позната е вевчанската изрека „Каде да си, за Василица дома да си“. Вевчани е познато како печалбарско место со неимари кои работат по целиот свет, но традиционално за празникот Св. Василиј Велики сите се прибираат дома за да учествуваат на карневалот со кој преку хумор и сатира се одбележуваат најзначајните настани што ја одбележале годината. Карневалот влече традиција уште од паганството и со него се бркаат лошите сили.
И годинава меѓудругите ќе продефилираат и традицоналните маски, зет и невеста и глупавиот Август.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа