Кривична за Јакимовски: Го товарат за 2,4 милиони евра

 

Градоначалникот на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, е осомничен од полицијата дека извршил злоупотреба на службената положба, бидејќи овозможил легализација на објектите за спорт и рекреација-тениски игралишта во близина на хотелот Александар Палас. Со пријавата под кривичен прогон се и петмина вработени во Општина Карпош како и правно лице.  Со оваа постапка Јакимовски му овозможил на правното лице да се стекне со противправна имотна корист во износ од речиси 2,4 милиони евра.

„Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција преземаше предистражни дејствија и во координација со ОСОСК до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против Стевчо Јакимовски како Градоначаник на Општина Карпош, пет лица вработени во истата општина во Секторот за урбанизам и правно лице, сите за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од КЗ.

Имено, по поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од страна на пријавеното правно лице, од страна на пријавените пет вработени во Општина Карпош било излезено на лице место, бил изготвен записник за увид на место во кој спротивно на Законот за градење и Законот за утрдување на правен статус на бесправно изградени објекти, констатирале дека наводно објектите за спорт и рекреација-тениски игралишта ги исполнуваат условите за нивна легализација, иако таков вид на објекти се времени објекти и истите не можат да бидат предмет на легализација, по што истите изготвиле и заедно со пријавениот градоначалник потпишале урбанистичка согласност, а по плаќањето на одредениот данок на имот, изготвиле и потпишале решение за утврдување на правен статус на бесправен објект, на кој начин му овозможиле на пријавеното правно лице да ги запише наводно бесправните објекти во вкупна површина од 3993 м2, односно да се стекне со противправна имотна корист во износ од 147.341,700 денари“, се вели во информавцијата на МВР.

03.10.2024 - 14:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега