Левица: Џафери пред Уставен суд по иницијатива на Апасиев
Во Уставниот суд денес се одржа јавната расправа по Барањето за заштита од дискриминација по основ политичка припадност, поднесено од претседателот на Левица - проф. д-р Димитар Апасиев. На расправата беа присутни подносителот на иницијативата и поранешниот претседател на Собранието - Талат Џафери, соопшти Левица.
„Апликантот Апасиев наведува дека е дискриминиран по основ на политичка припадност како првопотпишан граѓанин - овластен предлагач на рефендумска иницијатива на државно ниво од страна на Џафери како тогашен парламентарен спикер.
Талат Џафери, и покрај јасните деловнички обврски, одбил да ја проследи Иницијативата за референдум поднесена од Апасиев до надлежните собраниски работни тела и незаконски ја узурпирал надлежноста на пленумот на Собранието, арбитрарно и малициозно прогласувајќи ја иницијативата за „неуредна“, на што немал право.
Со ова нелегално дејствие, претседателот на Собранието оневозможил граѓаните директно да се изјаснат за прашање кое е клучно по иднината на Република Македонија, еклатантно кршејќи го Уставот, Законот за референдум, Деловникот на Собранието - загрозувајќи го владеењето на правото и суспендирајќи ја непосредната демократија во Републиката.
Доколку исходот од оваа постапка е позитивен, Апасиев најави тужба за оштета, а доколку е негативен - тој најавува дека постапката ќе ја продолжи пред Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа во Стразбур“, стои во соопштението на Левица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа