Албанија ја надмина Македонија на патот кон ЕУ: Се отвора првото поглавје


Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“. Со спроведувањето на ваквата одлука Албанија ќе премине во следната фаза од преговарачкиот процес, со што практично би се раздвоила од Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ, иако досега двете земји се движеа во пакет во пристапниот процес.  

- Можеме да потврдиме дека Корепер се согласи да продолжи процесот на пристапување на Албанија во ЕУ, изјави за МИА портпаролката на унгарското претседателство за Корепер, Ана Атанасов.  

Во однос на ваквата одлука на Корепер, портпаролката на ЕК за проширување, соседска политика и меѓународни партнерства Ана Писонеро изјави дека ставот на Европската комисија е многу јасен и таа со нетрпение очекува почеток на преговорите по Кластерот „Основи вредности“ што е можно поскоро и со Албанија и со Северна Македонија, откако земјава „ќе ги исполни релевантните критериуми договорени со Советот“ на ЕУ. Таа додаде дека тие „релевантни критериуми“ ги опфаќаат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот, нагласувајќи дека Европскиот совет ја повика земјава да го забрза спроведувањето на овие измени.    

Коментирајќи ја одлуката за потенцијално одвојување на Албанија од земјава на европскиот пат, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тоа е лоша порака кон македонските граѓани, бидејќи државата во над дводеценискиот пат кон интеграција во ЕУ сторила многу работи, повеќе од која било кандидатка или актуелна членка, кои најчесто немаат никаква врска со Копенхашките критериуми. Тој и посака многу успех на Албанија во преговарачкиот процес, додавајќи дека можеби еден ден „нашите патишта повторно ќе се сретнат по таа траекторија кон полноправно членство во ЕУ“.  

27.09.2024 - 09:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега