Од маркети до бурекчилници: Инспекторите казнуваат - трговците не ја сфатиле сериозно обврската

 


Одлуката за ограничување на профитните маржи на трговците до 10 отсто ги опфаќа и бурекот и јогуртот и белите печива, појасни денес директорот на Државната пазарна инспекција, Горан Трајковски. Граѓани и во Инспекторатот се пожалиле дека нема поевтинување на бурекот и белите печива.

„Имаше такви дилеми, но бурекчилниците се опфатени со одлуката за ограничување на маржата, и тоа според Законот за трговијата, член 3. Денес, инспекторите прават контроли во маркетите, утре се предвидени контроли на трговците на мало и на бурекчилниците, а задутре ќе ги контролираме трговците на големо. Трговците на големо ќе ги контролираме на крајот за да им оставиме време да ги потрошат резервите. Во одлуката за ограничување на маржата влегува и јогуртот“, рече директорот на Инспекторатот, Трајковски.

Тој синоќа излегол во контрола во маркетите и утврдил дека трговците не ја сфатиле сериозно обврската и не ги означиле производите со ограничена маржа, па затоа денес инспекторите се во засилена контрола.

Во контрола се излезени 40 тима со над 120 инспектори и се прават проверки во маркетите на територијата на целата држава.

Директорот Трајковски и денес рече дека ќе има нула толеранција и повтори дека казните за оние што не ја почитуваат одлуката за ограничување на профитната маржа се од 2.000 до 10.000 евра, а најави дека за нефер трговски практики ќе одат и со затворање.

Трајковски нагласи дека граѓаните не треба да очекуваат намалување на сите цени на производите опфатени со одлуката оти има трговци што досега оделе со маржа помала од 10 отсто и таквите немаат обврска да ја намалат цената на производите опфатени со одлуката.

Владината одлука за ограничување на маржите до 10 отсто која е на сила се однесува на над 70 производи. Со есенската кошничка се опфатени брашното, лебот, тестенините, оризот, зејтинот, месото, млечните производи, јајцата, овошјето и зеленчукот, теглите со ајвар, шеќерот, млечното чоколадо, повеќе видови зачини и меленото кафе. Мерката ќе биде на сила до крајот на октомври и според очекувањата треба да ги намали трошоците за храна во просек за околу 10 отсто.

25.09.2024 - 15:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа