Македонски државјанин најден мртов во Гермaнија: Го избоделе до смрт

 

Безживотното тело на македонски државјанин е пронајдено минатата недела на гробишта во Бремен, а бидејќи по телото имало убодни рани, веднаш било јасно дека несреќниот маж бил жртва на убиство.

Набрзо било утврдено дека Имер Д.(40), кој ѝ бил од претходно познат на полицијата, бил убиен бидејќи ја демнел својата поранешна партнерка со која има дете, објави Билд.

Посетителите на гробиштата го пронашле неговото тело во локва крв меѓу гробовите и веднаш повикале полиција. Во текот на викендот, полицијата соопшти дека Имер починал од, најверојатно, убодни рани.

Во моментот на смртта Имер носел сиви панталони, црвена јакна и црни апостолки.

„Го знаеме, тој е човек кој со месеци прави проблеми овде, има тригодишна ќерка со Гркинка, таа живее овде кај гробиштата“, велат мештаните.

Соседите велат дека Имер постојано ја демнел бившата. Тој со боја со спреј ги напишал зборовите „Те сакам“ на тротоарот пред станот во кој живеела Гркинката со нивната ќерка.

Наводно, ги скршил и стаклата од куќата и оштетил неколку автомобили.

„Сите овде имаа проблеми со него, никој не го сакаше“, велат соседите.

Сопственик на поранешниот стан немал убави зборови за Имер. Тој вели дека една работа е сè уште мистерија.

Имено, Имер живеел во својот стан до октомври 2023 година, додека станот не изгорел.

"Тој рече дека заспал со цигара. Полицијата никогаш не успеа да ја утврди точната причина за пожарот, а тој ми должеше кирија", рекол поранешниот сопственик.

Наводно, убиениот државјанин на Македонија во последно време спиел на гробишта.

„Тој спиеше под покривот на капелата на гробиштата околу три недели“, рече еден локален жител, додавајќи дека капелата е веднаш спроти гробот на бабата на неговата поранешна сопруга.

Полицијата се уште трага по убиецот на Имер. Тие ги повикаа сите граѓани кои имаат некаква информација за убиениот, или за тоа што се случило на гробиштата во четвртокот да се јават.

24.09.2024 - 22:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа