(ВИДЕО) Мицкоски од Брисел: Ние повеќе не прифаќаме ултиматуми

Премиерот Христијан Мицкоски кој е во Брисел, до овој момент имаше две значајни средби. Првата беше работниот ручек којшто го организираше старо-новата претседателка на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на кој што беа присутни и останатите пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.
 
На тие состаноци се разговара и за европската перспектива на регионот, како и европската перспектива на Македонија како држава.
 
„Она кое што можев да го кажам таму, а да го повторам и за вашите гледачи е дека мора процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор. За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе“, изјави Мицкоски.
 
Дополнително, премиерот додава дека Македонија повеќе нема да прифаќа ултиматуми.
 
„Така што уште еднаш потенцирав дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин“, додава Мицкоски.

19.09.2024 - 17:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега