Организацијата на потрошувачи задоволна со есенската кошничка

 

Мерката за намалување на маржите на основните прехранбени производи е добра и ќе им помогне на граѓаните. Ова е реакцијата на Организацијата на потрошувачи, откако вчера министерот за економија Бесар Дурмиши најави дека бруто профитните маржи во трговијата на големо и мало ќе се сведат на најмногу 10%. Тоа значи дека производите би требало да поевтинат во следниот еден месец колку што ќе трае оваа мерка.

„Не сме вклучени во дискусијата, но секогаш сме биле ние за намалување на маржите особено сега во ова енормно покачување на цените. Ние навистина како потрошувачи сме затечени и ја намалуваме нашата домашна потрошувачка со цел нешто да се заштеди, нешто што цело време влијае врз економијата на државата“ – вели Маријана Велкова Лончар – Организација на потрошувачи.

Од Организацијата на потрошувачи сметаат дека Законот за нефер трговски практики треба да стапи во сила кон крајот на септември како што е предвидено, без дополнителни пролонгирања. Додека мерката за намалување на маржите е краткорочна, Законот предвидувал трајна заштита на производителите од дополнителните трошоци и давачки кои ги наметнуваат нивните добавувачи, пракса што доведува до подигање на цените нагоре.

 

„И законот за нефер конкуренција е многу важен. Многу е важно да се примени бидејќи освен оние 100 производи на кои есенва ќе им се намалат цените, тие секако влегуваат во законот за нефер трговски практики.Тоа се нефер трговски пракси кои се наметнуват на производителите од страна на трговците. Тие им се добавувачи. Индиректно ќе се заштитат потрошувачите со тоа, бидејќи ќе им се намалат маржите на 2500 производи кои им ги добавуваат добавувачите, со тоа што нема да им наметнуваат други давачки. Тоа е добро за потрошувачите“ – рече Маријана Велкова Лончар – Организација на потрошувачи.

Со мерката за маржи до 10% ќе бидат опфатени стотина основни прехранбени производи, како лебот и пекарските производи, млеко и млечни производи, месно и месни преработки, овошје, зеленчук и друго. Истата мерка ќе се донесе и за новогодишните празници, Велигден и Рамазан, бидејќи токму за време на празниците трговците најмногу ги подигале вештачки цените. Мерката треба да помине на следната седница на Владата идната недела.

19.09.2024 - 14:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега