Хотелскиот бренд Хилтон ќе инвестира 30 милиони евра во Македонија

 

Светски познатиот бренд „Хилтон“ денеска го официјализира влезот во Македонија со потпишување договор за франшиза со „Стоун бриџ хотел“ кој ќе гради хотел Double Tree by Hilton Skopje во општина Аеродром покрај кејот на реката Вардар во близина на мостот „Близнак“.

Инвестицијата во изградбата на хотелот изнесува 30 милиони евра. Новиот хотелски објект ќе се простира на површина од околу 25.000 метри квадратни, а ќе содржи 170 соби, четири конференциски сали, спа-центар, бизнис центар и центар за здравје и голем број други содржини.

Премиерот Никола Груевски на свеченоста за изградбата на хотелот, во присуство на инвеститорот Ајдован Адемовски, претставници на „Хилтон“,  на амбасадите на САД и на Турција и голем број бизнисмени, истакна дека доаѓањето на брендот „Хилтон“ е уште една потврда дека напорите за привлекување инвестиции во Македонија даваат резултати.

- Хотелот се планира да биде завршен наесен следната година кога Скопје гордо ќе се приклучи кон ланецот градови кои го имаат овој познат светски бренд на хотели, рече Груевски.

Хотелите „Хилтон“, посочи, се една од водечките компании во областа хотелиерство со повеќе од 540 хотели во 78 земји од светот.

- Токму затоа брендот „Хилтон“ ќе биде од големо значење за поддршка на туризмот во Скопје и Македонија. Покрај туризмот, свој бенефит од изградбата на хотелот ќе има и градежната индустрија. На изградбата на хотелот ќе работат голем број градежни работници, а индиректно ќе бидат поврзани и многу други фирми од Македонија. По завршување на изградбата на хотелот во него ќе се отворат и над 100 работни места што и дава дополнителна вредност на оваа инвестиција, посочи премиерот Груевски.

Потпретседателот за развој на „Хилтон“ Урлих Видмер истакна дека брендот на „Хилтон“ е соодветен за Македонија и оти нуди извонредни капацитети за граѓаните и за развој.

- Имаме голема верба во иднината на Македонија и го очекуваме развојот во следната година. Сигурни сме дека „Хилтон“ ќе биде успешен, рече Видмер.

Инвеститорот Адемовски нагласи дека е горд што со поддршка на Владата успеале да го донесат „Хилтон“ во Македонија.

- Покрај 170 соби, повеќе конференциски сали, спа-центар од 2.000 метри квадратни, кафе-барови и други содржини, ќе добиеме и едуциран персонал според стандардите на „Хилтон“ со кој ќе се гордееме сите, нагласи Адемовски

најчитано сега