Пленковиќ во ненајавена посета на Украина

 

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска е во ненајавена посета на Украина. Тоа е трета негова посета на Украина од почетокот на руската инвазија.

Пленковиќ присуствуваше и на четвртата Меѓународна кримска платформа во Киев, чиј домаќин е претседателот Володимир Зеленски.

На средбата Пленковиќ – Зеленски се разговараше за дополнителна помош од Хрватска за Украина. Хрватскиот претседател најави дополнителен пакет воена помош, без да наведе детали.

– Нашата Влада одобри уште еден пакет воена помош за Украина, па сега таа сума, вклучувајќи ја и помошта од порано, е повеќе од 200 милиони евра. Тоа, би рекол, е знак на нашата силна поддршка и желба да се вклопиме во пошироката слика за вашите потреби. Во исто време, многу сме среќни што Хрватска ви помага во деминирањето. Бевме домаќини на најголемата донаторска конференција за деминирање на Украина, нагласи Пленковиќ.

Зеленски се заблагодари за хрватската поддршка.

– Ви благодариме за поддршката од почетокот на војната. Секогаш можевме да сметаме на поддршката на Хрватска, како и за политичките прашања, како што е пристапувањето во Европска Унија и НАТО. Му благодариме на вашиот народ што ги прифати нашите прогонети и за помошта во деминирањето на воените зони, истакна Зеленски.

Пленковиќ присуствуваше и на откривање на Споменикот на жртвите на геноцидот на кримските Татари, што го предводеа претседателот Зеленски и лидерот на кримските Татари, Мустафа Џемилев.

11.09.2024 - 20:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега