Фокуснет: Телеком ја загадува вистината и врши притисоци врз Судскиот Совет
Компанијата Фокуснет од Штип излезе со одговор по серијата обвинувања дека со незаконски влијанија издејствувала пресуда во своја корист, а на штета на Македонски Телеком со која се утврдува исплата на штета од 4 милиони евра.
Фокуснет тврди дека Македонски Телеком „ја загадува вистината“ и врши притисоци врз Судскиот Совет и Јавното обвинителство да спречат исплата на штетата која со пресуда ја утврди скопскиот Апелационен Суд. Тврдат дека сите инстанци со исклучок на Основниот граѓански суд Скопје и сите вештачења покажале дека во 2002. година компанијата била истисната од пазарот на интернет провајдери благодарение на монополската позиција на Македонски Телеком што било основ тие да покренат судска постапка која трае повеќе од 20 години за, како што велат, единствената пресуда која не е во нивна полза, онаа на Скопска единица, 15 месеци имаат претставка до Судскиот Совет, но сметаат дека по неа не се постапува.
„Нашите најнови сознанија кажуваат дека моментално се прави огромен притисок врз Судскиот Совет да донесува одлуки кои би довеле до тоа да се поништи пресудата на Апелациониот Суд и да се спречи исплатата. Се наведува Судскиот Совет итно да одлучува за предмет кој се води две децении врз основа на извештај кој се подготвувал само една недела. Апсурд! Но истовремено, пријавата од ФокусНет до Судскиот Совет за судијата од Основниот Суд кој ја донесе вистински контроверзната одлука, воопшто не е ставена за разгледување иако е поднесена пред 15 месеци. Со таа пресуда Основен Суд поништува пресуда на Виш Управен Суд што е преседан со кој се руши правниот систем во државата. Телеком се обидува да дефокусира, но токму тоа е вистинскиот предмет за ОЈО!“, стои во соопштението на компанијата.
Фокуснет ги повикува и судските тела и владините институции да работат независно и да не подлегнуваат на обидите на Телеком да „ја загади вестината“ со манипулации.
Инаку според информациите кои претходно ги објавивме, Судскиот Совет се очекува набрзо да излезе со одлука по претставката која до нив ја поднесе Македонски Телеком и во која се тврди дека судиите од Скопска Апелација донеле незаконска пресуда со која налагаа исплата на 4 милиони евра на фирмата од Штип. За случајот реагираше и Владата преку кривична пријава поднесена до Јавното обвинителство кое вчера информираше дека оформило предмет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа