Портпаролот на ВРЕДИ ги замрзна политичките активности откако неговиот татко беше уапсен за полов напад врз дете

 

 

Портпаролот на Коалицијата ВРЕДИ, Фати Хисени ги замрзна политичките активности откако неговиот татко беше уапсен за полов напад врз дете. 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук рече секој е одговорен за сопствените постапки, но се повлекува за да не изгледа дека сака да влијае на случајот.

„Длабоко сум шокиран и повреден од веста што се појави во медиумите за мојот родител. Не можам да го најдам вистинскиот збор да го опишам овој момент! 

Ако овие наводи се покажат точни, тоа ќе биде страшен удар, не само за мене, туку и за целото мое семејство. 

Само помислата дека се соочувам со ова ми ја крши душата! 

Како луѓе, ние сме одговорни само за нашите сопствени постапки и вредностите за кои се залагаме, но тоа не ја менува мојата решеност да дејствувам. Затоа, за да не создадам некакво недоразбирање или погрешен впечаток, решив привремено да ги замрзнам моите политички активности. Не сакам од функцијата што ја имам да изгледам дека можам на кој било начин да влијаам врз институциите кои го истражуваат ова чувствително прашање.

Цел мој живот сум активист за човекови права, борејќи против неправдата и насилството. Не можам да бидам индиферентен, без разлика од каде потекнува.

Исто така, во овие тешки моменти, понизно барам да се почитува приватноста на моето семејство. Ни треба простор за да се соочиме мирно со оваа ситуација, далеку од очите на јавноста.“, се вели во објавата.

 

Претходно денеска Јавното обвинителство поведе истрага против 58-годишен скопјанец за полов напад врз 16-годишно дете.

-Во раните утрински часови денеска, осомничениот во парк во една населба го сретнал малолетникот со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат, по што започнал да го допира. Малолетникот успеал да се извлече и го пријавил во полиција, велат од Јавното обвинителство.

Судија на претходна постапка му определи мерки на претпазливост, по барање на надлежниот јавен обвинител. Тој нема да смее да го напушти живеалиштето и ќе мора да се јавува кај надлежен државен орган. Одземен му е и пасошот и личната карта за да не може да ја напушти државата, а добил и забрана да комуницира со малолетникот.

24.08.2024 - 18:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега