Набавки без тендери, незаконски договори? - ревизорите го разоткрија работењето на екс-градоначалникот на Охрид
Државната ревизија на Македонија при извршената контрола од мај до август годинава, откри неправилности во работењето на минатата локална власт во општина Охрид, пренесува Канал 5. Ревизорите откриле набавки без тендери, незаконски договори, трошоци за разговори и презентација, а сегашниот градоначалник обелодени зошто денеска Охрид, град кој се смета за еден од најзадолжените треба да враќа милиони евра.
Ревизорскиот извештај за 2012 година открива како се трошеле парите на граѓаните, а притоа биле прекршени законите при финансиските трансакции. Незаконски договори, јавни набавки без тендер, се само дел од неправилностите кои што ги утврдија ревизорите.
- Имаше забелешки и во делот на склучување на договори на дело по незаконски пат, коишто оваа општина ги имаше во голем број. Во поглед на трошењето на средства за презентации, за телефони, за поставување на рекламни паноа. Во поглед на градење на капитални инвестиции без спроведени процедури, непостоење на упатства за работа и редица други недоследности обелодени државната ревизија за 2012 година, изјави Никола Бакрачески градоначалник на Охрид.
Од најголемата опозициона партија СДСМ велат дека ваквите обвинување се политички инструирани, и покрај тоа што го немаат видено ревизорскиот извештај, туку само ги слушнале ставовите и гледиштата на градоначалникот Никола Бакрачески .
„Немавме можност да го прочитаме ревизорскиот извештај, имавме можност да се запознаеме со личните ставови и гледишта на градоначалникот во однос на тој извештај и ние со нив не се согласуваме со обвинувањата коишто се упатени од аспект на политичка припадност, изјави Томислав Тунтев, претседател на ОО на СДСМ Охрид.
Против општина Охрид во моментов се водат 428 судски спорови за неисплатени обврски од времето на поранешниот градоначалник со кои се очекува зголемување на долгот на Охрид.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа