Советот на Кавадарци едногласно против изградба на објекти од тешка загадувачка индустрија
Советот на Општина Кавадарци е едногласно против изградба на објекти од тешка загадувачка индустрија. Два заклучока беа донесени на денешната седница посветена на информацијата околу намерата на инвеститор, да инвестира во регионален центар за третман на отпадна гума, во Г-1 зона.
- Сите советнички групи се согласни дека овој Совет е против изградба на објекти со тешка загадувачка индустрија Г-1 на тој локалитет. Во иднина секое наредно барање за мислење за Г-1 индустрија, прво да биде доставено до Советот на општината, а потоа да се дава соодветно мислење до Министерството за животна средина, се вели во заклучоците што ги прочита советникот Перо Николов.
Пред неколку дена, до локалната самоуправа беа доставени околу пет илјади потписи од граѓанската петиција против инвестиција во Г-1 зона.
Градоначалникот Митко Јанчев на денешната седница рече дека за секое понатамошно барање за Г-1 индустрија, пред да се даде мислење до Министерството, ќе биде презентирано на Совет, како информација. Ако се брза, ќе се закаже вонредна седница на Советот.
Советникот Круме Богевски кажа дека најмалку треба да се молчи кога станува збор за екологија и заштита на животната средина.
- Некој во минатото молчел и затоа подоцна се појавуваат проблеми. Е затоа веќе не се молчи, истакна Богевски.
Ристо Сакалиев подвлече дека во вакви ситуации, по вака важни нешта, најважно е што советниците се со заеднички став.
Вуко Мелов нагласи дека кавадарчани соодветно реагираа, бидејќи од претходно имаат негативно искуство со Г-1 тешка загадувачка индустрија. Тој истакна дека потписите беа собрани во време на годишни одмори и дека бројот на кавадарчани што се против инвестицијата, е многу поголем.
Павле Маневски, претседател на Комисијата за екологија при Советот, рече дека кавадарчани се сплотени без разлика на било каква припадност.
- Не смееме да дозволиме изградба на нова Г- 1 индустрија во Кавадарци, подвлече Маневски, осврнувајќи се на тоа, кои се здравствени проблеми може да предизвика загадувањето од тешка загадувачка индустрија.
Тој проговори и за извештајот на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија - „Рак во Република Северна Македонија“ од 2023 година што се однесува на период од 2012-2021 година, од што може да се добијат податоци за бројот на новодијагностицирани пациенти со трите најчести дијагнози на малигни заболувања - карцином на бронх и бели дробови, карцином на дојка и карцином на грло на матка, како и за морталитетот од нив, селектирани по региони и возрасни групи.
- Податоците за општина Кавадарци говорат дека имаме благ пораст во бројот на новодијагностицирани пациенти со малигни болести во овој десетгодишен период. Кога станува збор за рак на бронх и бели дробови во тој период, општина Кавадарци е на 12 место по број на новодијагностицирани пациенти, а на 8 место по морталитет од ова заболување, за кое мајорен ризик фактор од околината е загадувањето на воздухот, појасни Маневски.
Маневски, кој е доктор по професија, истакна дека кога се работи за рак на дојка, општина Кавадарци е на 5 место според бројот на новодијагностицирани пациенти. Ако е во прашање рак на грло на матка, според податоците што ги презентираше, општина Кавадарци е на 4 место според бројот на новодијагностицирани пациенти.
- Дали после овие сериозно загрижувачки бројки, знаејќи го фактот дека загадувањето на животната средина претставува еден од мајорните ризик фактори од околината за предизвикување на мноштво различни малигни болести, кардиоваскуларни болести, ендокринолошки и имунолошки нарушувања, нарушувања на репродуктивна функција и чести респираторни инфекции, треба да дозволиме изградба на нова Г1 индустрија во Кавадарци !?Одговорот е повеќе од јасен, додаде Маневски.
Од говорницата на Советот се обрати и советникот Горан Кузмановски.
- Сите сме едногласни дека Г-1 индустрија во Кавадарци, нова, не смееме да дозволиме и едногласни, да се спречи, рече советникот Кузмановски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа