Стево Пендаровски: Време е за политички договор далеку од очите на јавноста

 

Мислам дека е дојден часот кога релевантните политички субјекти треба да седнат далеку од очите на јавноста и да се договорат за две работи: дали нашите стратешки цели утврдени во 1990-тите остануваат истите или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме, но, при тоа, да го сочуваме народот затоа што тоа е апсолутен приоритет број еден. Вака политичкиот аналитичар, Стево Пендаровски во интервјуто за Прес24, ги анализира состојбите со македонските евроатлански интеграции, по последното петто НЕ на Советот на ЕУ, за почеток на пристапните преговри за Македонија  

-Она што е неопходно кај нас е реафирмирање на државните стратешки приоритети, во сега, веќе битно изменети регионални околности, но, за тоа е нужен широк политички консензус дома. За жал, не гледам дека Владата е вознемирена од последните одлуките на Европскиот Совет со кои безмалку целиот регион напредува, само ние и БиХ стоиме во место, а без иницијатива и активно менаџирање од страна на власта, ниту стара, ниту нова стратегија е возможна. Во овој контекст не мислам дека е доволна Декларацијата за евроатлантските интеграции која неодамна ја изгласаа сите партии во Парламентот, вели Пендаровски.

Дневно-политичките злупотреби на прашњето за името му пречат на порцесот на преговри, но Пендаровски потенцира дека за тоа не е виновна само опозицијата.

- Неспорен факт е дека опозицијата битно ја промени својата позиција (која, да се разбереме, не беше антидржавна и пред тоа) во однос на името од парламентарните избори во 2011-та со прифаќањето на референдумот и со повлекувањето на тоа прашање многу подолу на политичката агенда. Секоја реална анализа ќе покаже дека во изминатите две години опозицијата и власта се расправаа за многу прашања, но, името, ретко беше предмет на спор. Дури, јас сум сигурен дека околу базичните елементи на тој спор нема никаква разлика меѓу власта и опозицијата. Сепак, да бидеме реални: поделбата на предавници и патриоти, квалификациите за “грчки сватови”, или за “Македонци кои се најголеми Грци по Гркот Зорба” не беа пласирани од луѓе од опозиционите редови, вели Пендаровски

Тој потеницира дека едно е перцепцијата во Македонија за тоа кој не сака суштински разговори за прашањето за името, а сосема поинаква е перцепцијата во влијателните дипломатски центри.

-Во последниве две години, во Брисел, Берлин, Париз, Лондон и Вашингтон сметаат дека грчката страна е поактивна од нашата во преговорите кај Нимиц. При тоа е апсолутно небитно дали станува збор за погрешни информации кои тие влади ги добиваат, за историски сентименти кои одат во прилог на нашиот јужен сосед, искривена перцепција под влијание на грчката пропаганда или за пасивност на нашата дипломатија, но, факт е дека нашите напори не се видливи во центрите на моќ, вели Пендаровски за Прес24, потенцирајќи дека според негова проценка "сите овие години наназад зад националистичката реторика и купот емоции и историја, најчесто без покритие, Атина најмногу стравува од враќањето на имотите на прогонетите од Граѓанската војна".

Иако неговото име во јавноста се спменува како можен кандидат на СДСМ за претстедателските избори, вели дека сето тоа е шпекулација.

-До овој момент на таа тема немам разговарано со ниту еден политички субјект во Македонија и затоа тврдам дека сите објавени информации во врска со тоа се шпекулации, вели Пендаровски за Прес24.

Во интервјуто го оценува работењето ан Иванов како Претседател на Р. Македонија, но и претходните двајца Претседателли, Црвенковски и Трајковски во чии кабинети беше нивни советник.

 

ПРЕС24: Петти пат како македонската препорака за отпочнување на пристапните преговири на Европската Комисија не поминува кај Советот на ЕУ. Што по ова ново “НЕ”?

ПЕНДРОВСКИ: Логично е и двете страни (Скопје и Брисел) во наредниот период да го преформулираат својот пристап, затоа што ние, де факто, влеговме во статус кво ситуација, слично на Турција, а тоа може да трае со години. Во однос на НАТО, на пример, Македонија веќе има најдолг статус на земја-кандидат во историјата на Алијансата. Реално, не очекувам дека Европа јавно ќе го соопшти својот став, иако комесарот Филе неодамна призна дека креативноста на комисијата е исцрпена и сега очекува “големите” во ЕУ да предложат нови начини за надминување на блокадата.

Она што е неопходно кај нас е реафирмирање на државните стратешки приоритети, во сега, веќе битно изменети регионални околности, но, за тоа е нужен широк политички консензус дома. За жал, не гледам дека Владата е вознемирена од последните одлуките на Европскиот Совет со кои безмалку целиот регион напредува, само ние и БиХ стоиме во место, а без иницијатива и активно менаџирање од страна на власта, ниту стара, ниту нова стратегија е возможна. Во овој контекст не мислам дека е доволна Декларацијата за евроатлантските интеграции која неодамна ја изгласаа сите партии во Парламентот.          

 

ПРЕС24:   Го губи ли кредибилитетот Европската Комисија, како што оценува Штефан Филе во оваа македонска ситуација?

ПЕНДРОВСКИ:   Унијата не го губи кредибилитетот само на македонско-грчкиот спор, туку и со некои други работи, како што е големата финансиска криза која ги затресе темелите на организацијата и  се уште трае со помал интензитет. Меѓутоа, главното прашање за сите земји-кандидати останува во сила, а тоа е: дали сакаат да се приклучат на таа и таква групација, односно, дали според нивните калкулации претпоставените добивки се се уште поголеми од претпоставената штета. Мојот личен одговор е – да, особено за земји со сиромашни ресурси за силен автономен развоен циклус и без доволен внатрешен капацитет за соочување со силите на економската глобализација кои “мелат” и многу поголеми држави од нашата.     

 

ПРЕС24:  Сосема отворено станува јасно дека ваквата статус-кво ситуација за Македонија може да остане на подолг рок. Како да се анимираат клучните земји членки на Европската Унија да покажат поголема заинтересираност околу македонските евроинтеграции. Се има чувство како да ЕУ го трга на страна македонско-грчкиот проблем, кој веројатно без поголем притисок, може да остане со години на маргините на интересот на Грција?

ПЕНДРОВСКИ:   Објективно, на менито нема многу инструменти за притисок, особено за една мала и сиромашна земја како нашата. Моето размислување оди во две насоки: прво, обновување на сега практично замрзнатите односи со САД кои беа наш силен лобист во период пред НАТО самитот во Букурешт. САД не се членки на ЕУ, но, секогаш имале влијание кај клучните европски држави, вклучително и во делот на проширувањето. Второ, Македонија мора да биде поактивна во преговарачкиот процес кај Нимиц затоа што е очигледно дека аргументот наречен Хашка пресуда на кој се потпиравме во изминативе години немаше ефект.

Во преговорите е многу важно да оставите впечаток дека сте поактивната страна. Состојбата во спорот за името во последниве години е следна: Грција е во формална офанзива предлагајќи се полоши и полоши предлози за нас, а ние само ги одбиваме, наместо да ги игнорираме грчките предлози во целост и на Нимиц да му предложиме документ со кој ќе бидат промовирани и заштитени нашите интереси.     

 

ПРЕС24:   Многумина аналитичари велат дека Македонија треба да покаже поголема проактивност, подготвеност, да внесе нови моменти во надворешната политика, но сепак мислам дека недостатокот на подготвеност за разговори е кај грчката страна. Како Вие ги коментирате сите оние, честопати и без одговоро отфрлени иницијативи за директни средби и разговори, што ги покренуваа Претседателот Иванов и Премиерот Груевски?

ПЕНДРОВСКИ: Скопје и Атина меѓусебно се обвинуваат со слични аргументи за недостатокот на волја за преговарање. Меѓутоа, во конкретнава ситуација воопшто не е важно што јас или вие мислиме за нивото на подготвеност за разговори на едната или на другата страта, туку што за тоа мислат големите држави кои реално имаат моќ да ги придвижат преговорите. Според моите скромни информации, во последниве две години, во Брисел, Берлин, Париз, Лондон и Вашингтон сметаат дека грчката страна е поактивна од нашата во преговорите кај Нимиц. При тоа е апсолутно небитно дали станува збор за погрешни информации кои тие влади ги добиваат, за историски сентименти кои одат во прилог на нашиот јужен сосед, искривена перцепција под влијание на грчката пропаганда или за пасивност на нашата дипломатија, но, факт е дека нашите напори не се видливи во центрите на моќ.     

 

ПРЕС24:   Каде според Вас е причината за тоа што Грција не покажува каков било интерес за решавање на ова прашање. Постои ли некаков страв кај Атина?

ПЕНДРОВСКИ:   Причите се многубројни и нема да можеме сите да ги наброиме. Тука е длабоката финансиска криза која сериозно ја разниша грчката држава и за нејзино преживување беа користени практично сите политички ресурси. Во ситуација кога им се закануваше колапс на државата сите други прашања беа ставени ад акта. Потоа, силен мотив е грчкиот национален мит и тезата за наводно етнички хомогената грчка нација и држава во која нема национални малцинства. Меѓутоа, моја проценка е дека сите овие години наназад зад националистичката реторика и купот емоции и историја, најчесто без покритие, Атина најмногу стравува од враќањето на имотите на прогонетите од Граѓанската војна. Јас неодамна споменав неколку декласифицирани документи на грчката влада кои тоа отворено го наведуваат како единствена можност за реализација на, како што тие ги нарекуваат “територијални претензии на Скопје” врз делови на денешна северна Грција.

 

ПРЕС24:   Колку дневно-политичката злупотреба на прашањето за името им пречи на македонските преговарачки позиции и колку таа злупотреба е еден вид алиби за грчката непопусливост?

ПЕНДРОВСКИ: Дневно-политичка злоупотреба на името опстојува со години и тоа е последната работа која што ни е потребна. Мене не ми е јасно како високи државни функционери и политичари не можат да разберат дека давањето предлози за решавање на спорот, не значи по автоматизам предавство на сопствениот народ и држава. Мојата теза во овој контекст е дека во Македонија не постојат мали и големи Македонци и дека придонесот на секој кој се чуствува Македонец, независно дали живее тука или на друго место во светот е драгоцен за градење на семакедонски консензус со кој за век и веков ќе бидат заштитени виталните белези на македонската нација.        

 

ПРЕС24:  Ве прашувам затоа што честопати опозицијата, еве и сега по последниот Самит на ЕУ, оценките на опозицијата се дека недобувањето датум за преговори е неуспех на Владата, иако јасни се и ставовите на европските дипломати и пораките од Брисел, дека главната причина сепак е нерешениот проблем за името, формулиран како добрососедски односи.?

ПЕНДРОВСКИ: По тоа прашање работите се прилично јасни, името е главна формална пречка за почнување на преговори со ЕУ (покрај отпорот на Бугарија), но, исто така е точно дека во изминативе неколку години во Македонија се случувааат негативни трендови во неколку клучни области кои проблемот околу името не може да ги “покрие”. При тоа, воопшто не сум сигурен дека се во право оние кои велат дека ако преговараме со ЕУ, автоматски ќе ја подобриме состојбата со човековите права, медиумите, судството, јавната администрација. Дури и да се во право, што ако не влеземе во ЕУ уште 10-20 години? Дали во меѓувреме не треба самите да направиме да живееме во демократија? Конечно, постојат неколку европски земји кои имаат еклатантен дефицит во областите кои ги набројав, така што членството во ЕУ, само по себе не ги отстранува тие проблеми, туку само волјата на политичките раководства.       

 

ПРЕС24: Исправен ли е според Вас, ставот на опозицијата во поглед на ова прашање? И колку тој став и изјавите кои честопати доаѓаат од опозициските политичари, се антидржавни, како што оценуваат во владеачката партија?

ПЕНДРОВСКИ: Неспорен факт е дека опозицијата битно ја промени својата позиција (која, да се разбереме, не беше антидржавна и пред тоа) во однос на името од парламентарните избори во 2011-та со прифаќањето на референдумот и со повлекувањето на тоа прашање многу подолу на политичката агенда. Секоја реална анализа ќе покаже дека во изминатите две години опозицијата и власта се расправаа за многу прашања, но, името, ретко беше предмет на спор. Дури, јас сум сигурен дека околу базичните елементи на тој спор нема никаква разлика меѓу власта и опозицијата. Сепак, да бидеме реални: поделбата на предавници и патриоти, квалификациите за “грчки сватови”, или за “Македонци кои се најголеми Грци по Гркот Зорба” не беа пласирани од луѓе од опозиционите редови.   

 

ПРЕС24:   Како ја оценувате надворешната политика на Македонија овие две децении независност?

ПЕНДРОВСКИ:  Ова е голема тема, затоа овде само куса рекапитулација. Заедно со останатите пост-комунистички држави ние во Македонија ја следевме, често по инерција, тн. двојна интегративна агенда за членство во НАТО и во ЕУ. Со сите потешкотии на тој пат, особено во 2001-та кога бевме на работ на тотална војна, Македонија бавно, но сигурно го унапредуваше својот статус. Меѓутоа, по 2008-та земјата западна во стратешка конфузија затоа што прогресот кон Брисел беше блокиран од Грција, а алтернативен план не постоеше. Додуша постоеа обиди на луѓе блиски до власта да понудат алтернативна стратегија во која што, според нивните проценки, ние не губиме ништо битно ако останеме надвор од интеграциите. Тие безрезервно веруваа во домашниот капацитет за развој, при што, ги цитираа примерите на Норвешка (членка на НАТО, не и на ЕУ), на Шведска (во ЕУ, не и во НАТО) и Швајцарија како докази за просперитетни држави кои се развиваат со сопствени сили. Меѓутоа, во нивните анализи недостасуваат неколку важни аспекти кои укажуваат на битно поинаквата државна генеза и различно опкружување кај споменатите земји.

Затоа, да се вратам на почетокот на интервјуто, мислам дека е дојден часот кога релевантните политички субјекти треба да седнат далеку од очите на јавноста и да се договорат за две работи: дали нашите стратешки цели утврдени во 1990-тите остануваат истите или не, и ако одговорот е позитивен, тогаш каков компромис треба да направиме за да се интегрираме, но, при тоа, да го сочуваме народот затоа што тоа е апсолутен приоритет број еден.   

 

ПРЕС24:   Вашето име се почесто се врти во јавноста како можен претседателски кандидат на СДСМ. Би влегле во трка за прв човек на државата?

ПЕНДРОВСКИ:   До овој момент на таа тема немам разговарано со ниту еден политички субјект во Македонија и затоа тврдам дека сите објавени информации во врска со тоа се шпекулации.  

ПРЕС24:   Како го оценувате петгодишниот претседателски мандат на Ѓорге Иванов?

ПЕНДРОВСКИ:   Без да навлегувам во детали ќе дадам само куса квалификација за мандатот на актуелниот претседател. Неговиот најголем проблем беше што, според мене, сосема непотребно, остана длабоко во сенката на партијата која го кандидираше без да оформи сопствен, препознатлив политички профил. На тој начин, Македонија доби уште еден владин функционер, а не претседател на државата, што секако не беше намерата на уставотворците кога го дизајнираа моделот на извршната власт во 1991-та година.    

 

ПРЕС24:   Бевте дел од советничкиот тим на двајца Претседатели. Од денешена дистанца, колку Трајковски и Црвенковски претседатели на ниво на задачата?

ПЕНДРОВСКИ: Во моментот кога ја преземаа функцијата, Трајковски и Црвенковски беа различни и како луѓе и како политичари, веруваа во различни политички иделогии и беа на чело на државата во периоди со различни предизвици, но, во едно беа исти – работеа во интерес на државата и народот во областите за кои имаа надлежност. Мандатот на Трајковски беше неспорно потежок заради конфликтот во 2001-та кога државата беше на сериозен испит, но, токму во тој период, по мое уверување беше забележана и најдобрата кохабитација во македонската историја меѓу еден претседател на држава и лидер на опозицијата што продолжи и во следните три години кога заеднички се вложија во позиционирање на Македонија поблиску до евроатлантските структури, добивање на кандидатскиот статус за ЕУ и признавањето на уставното име од страна на САД.

Убеден сум дека независно од ретките паушални коментари за наводно продавање на националните интереси историјата ќе даде висока оценка за ангажманот на обајцата во заштитата на националните и државните интереси на Македонија.           

 

ПРЕС24:   Честопати во Македонија се отвара прашањето околу потребата Претседателот на државата да се избира на непосредни избори. Дали е потребна промена на моделот и Претстедателот да се избира во Парламентот?

ПЕНДРОВСКИ: Колку што ми е познато, постојат политички и финансиски причини зад таквото размислување, а во одредени моменти и лични, но, последниве нема да ги коментирам. Според мене, позицијата на претседателот во Уставот е добро решена и таквиот концепт, не случајно е слично поставен и во најголем број транзициони држави од нашиот поширок регион.

Моќта на претседателот, во принцип, не доаѓа од политичките ресурси со кои располага, бројот на пратеници, големиот буџет и слично, туку од моралниот авторитет покрепен со широкиот легитимитет добиен на општи избори. Во нашиот политички систем не е замислено претседателот да ја следи владината политика без приговори, да биде англиска кралица, и да го троши времето само на приеми и протоколи. Најдобар доказ во прилог на задржување на сегашниот модел е токму однесувањето на Борис Трајковски во 2001-та кога соработуваше со секој кој можеше да и помогне на Македонија не гледајќи на вера, нација, или партиска припадност.  

Инаку, аргументот за наводното трошење многу пари за претседателски избори е несериозен, затоа што, на пример, два такви изборни  циклуса за период од 10 години чинат 3-4 пати помалку од пописот, а тој е неопходен за долгорочно планирање во секоја сериозна држава

23.12.2013 - 09:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега