Филков ја критикува одлуката на судијата Пајазити за Блерим Рамадани - не е во согласност со досегашната пракса
Министерот за правда Игор Филков во изјава за ТВ Канал 5 за случајот со Блерим Рамадани рече дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса.
-Последниот случај со поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, е еден од низата, во кој јасно се отсликува актуелната состојба во судството. Одлуката на судијата Пајазит Пајазити е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса.
Истакна дека затоа и довербата на граѓаните во судството, правосудството и обвинителството е на рекордно ниско ниво.
-Оваа судска одлука е уште еден доказ дека се потребни неодложни реформски процеси во судството и правосудството и градење на еден систем во кој ќе има еднаква правда за сите. Во тој систем мора да доминираат вистински професионалци, а не партиски послушници.
Тој е изненаден што на денешната седница на Судскиот совет не се отвори и прашањето за случајот со Блерим Рамадани.
-Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити. И секако, доколку бидат утврдени какви било неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука, истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата. Го повикувам Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало и ова прашање со цел во иднина да не ни се повторат исти или слични ситуации, рече Филков.
Судскиот совет денеска на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје, а поврзани со случајот на Блерим Рамадани кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка. Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на почетокот на денешната итна 495-та седница, изјави дека формално за ништо од овие случаи не е известена, но дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа