Земјоделците ќе можат да го купат земјиштето кое подолго време го обработуваат
Земјоделците ќе имаат можност да го купат земјоделското земјиште кое подолго време го обработуваат. Ова ќе им биде овозможено со новото законско решение што се очекува наскоро да го разгледа Владата.
Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостанство Зоран Коњановски, кој денеска се сретна со претставници од здруженијата на земјоделци, изјави дека во најбрзо време предлог-законот ќе биде доставен до Владата.
- Тоа е тренд во земјите од Европската унија и ние со креирање нов закон сакаме таа можност да му ја дадеме на оној којшто сака да си го купи земјоделското земјиште. За скоро време ќе биде доставен предлог закон до Владата со кој ќе можат земјоделците да бидат свои на своето, со кој ќе можат да си го купат земјоделското земјиште кое го работат, истакна Коњановски.
Тој појасни дека одредено земјоделско земјиште кое е дадено под концесија на 20 или 30 години не ќе може да се продаде доколку нема позитивно мислење од корисникот. - Само ако тој сака да го купи земјиштето, тогаш ќе му дозволиме тоа да го направи на јасен и транспарентен начин, рече Коњановски.
Цената на земјоделското земјиште ќе се утврдува од стручни лица од Бирото за судски вештачења.
Според размислувањата на ресорното Министерство, еднаш годишно Владата ќе усвојува програма за оние земјоделци кои ќе сакаат да го купат земјиштето.
Земјоделците се задоволни и сметаат дека ваквата идеја е во нивни интерес затоа што ќе имаат можност долгорочно да ги планираат своите бизниси.
- Земјоделството мора да се заснова на долги патеки, а земјоделците мора да го планираат своето производство. Придобивка е тоа што идните земјоделци ќе планираат долгорочно што ќе инвестиратат на својот земјоделски посед, изјави Андреја Секуловски од Федерацијата на фармери на Македонија