Ангелов: Пожарот во близина на Радовиш веќе ставен под контрола
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека заедно со Главниот штаб за управување со кризи рано утрово одржале брифинг со домашните и странските пилоти кој учествуваат во гаснењето на пожарите. Информира и за состојбата со пожарите.
-Рано утрово во 5 часот се одржа брифинг со домашните и странските пилоти кој учествуваат во гаснењето на пожарите. Рано утрово полета големиот српски хеликоптер со пет тони вода кон пожарот во Радовиш и слободно можам да кажам дека овој пожар во непосредна близина на Радовиш и селото Штурово веќе е ставен под целосна контрола. На територијата на Општина Чашка кај селата Горно и Долно Јаболчиште дејствува еден црногорски хеликоптер и еден полициски хеликоптер. На територијата на Општина Росоман кај селото Сирково дејствува еден полициски хеликоптер и трите „ер трактори“ на ДЗС. На нив во секој момент треба да се приклучи хрватски „канадер“, кој покажа одредени слабости и истите треба да бидат отстранети во секој момент. Кај Лисец ќе дејствува романскиот „спартак“ кој ќе фрли пет тонски водни бомби, вели Ангелов.
Потенцира дека дел од екипажот на леталата се чувствува преморено и поради строгите воздухопловни правила не можеле да полетуваат утрово. Соопшти дека попладнето ќе имаат на располагање дополнителни сили.
Ангелов информира дека на вчерашната седница одржана во Неготино, на која присуствувале и градоначалниците од зафатените региони со пожари, бил донесен заклучок за зголемување на бројот на припадниците на Армијата за помагање во справувањето со пожарите.
-Рано утрово претстедателката потпиша указ со кој ни се доделуваат 300 припадници на Армијата како помош во справувањето со пожарите. И за плус 30 припадници е зголемен и бројот на полицајци. На располагање денеска имаме и 60 припадници на Единицата за брзо распоредување, рече тој.
Ангелов потенцира дека во моментов има околу 15 активни пожари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа