Јаневска: Планираме подолг престој на учениците во училиште

 

Постои политички консензус дека од бројни направени реформи, ниедна не го дала очекуваниот ефект и затоа образованието ни е во многу лоша состојба. Па дури и последните ПИСА резултати покажуваат дека што и да правиме, не се поместуваме од долниот дел на табелата со држави. Сега нешто посериозно мора да се направи во координација со сите засегнати страни и тоа паралелно во сите сегменти на образованието.

Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска во вечернотогостување во емисијата „Отворено“ на ТВ 24, каде за состобјите во образованието дебатираше заедно со проф. д-р Ратко Дуев од Филозофскиот факултет во Скопје, Викторија Постоловска поранешен студентски правобранител и Бленди Ходаи претседател на Форумот за образовни промени.

„Првренствено, ќе посветиме внимание на основното и средното образование. Од програмата произлегуваат низа значајни промени. На пример, планираме подолг престој на учениците во училиште и тоа сите од прво до четврто одделение да бидат во целодневна настава, а учениците од петто до деветто одделение да бидат во продолжен престој, односно по 8 часови во кои нема само да седат над книга, туку ќе имаат многу наставни и воннаставни активности“, рече Јаневска.

Таа потенцираше дека во план е ревизија, а не укинување на концепцијата за основно образование, затоа што, како што рече, мора да се одржи континуитет на нешто што е веќе започнато.

„ Тоа што е добро од постојната концепција, ќе продолжи. Додека, тоа пак што не го дава ефектот кој се очекувал, треба да го поправиме“, додаде Јаневска, потенцирајќи дека во иднина посебно внимание ќе се посвети на детектирање и работа со талентираните ученици кои мора да ги зачуваме во државата.

27.06.2024 - 22:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега