Едно од опожарените возила во Куманово е на јавниот обвинител Џелал Бајрами
Едно од возилата што синоќа беа опожарени во Куманово е на заменик-јавниот обвинител Џелал Бајрами, пренесе „360 степени“.
„Возилото, кое е приватно, беше паркирано пред објектот каде што живеам. Беше опожарено меѓу 3 и 3:15 часот утринава. Друга штета не е предизвикана“, изјавил Бајрами за 360 степени.
Бајрами не се сомнева во никого и остава органите да го истражат случајот
Тој потврдил дека дежурен јавен обвинител веќе излегол на местото на настанот и од страна на органите се подигнати доказни материјали.
Претходно од Обвинителство информираа дека еден од опожарените автомобили е на јавен обвинител и дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Куманово извршил увид на локациите каде што се опожарени два автомобили и една деловна просторија, фотокопирница.
Оттаму велат дека се преземени сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето на автомобилите и дуќанот.
Друго возило, како што дознава „360 степени“ е на близок роднина на пратеник и функционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Ноќеска во Куманово опожарени се три автомобили, еден деловен објект – фотокопирница и фасада од куќа, информираа од Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово.
Две од возилата што гореле и во чие гаснење интервенирале пожарникарите, биле на улицата „Трст“, а третото на улицата „Никола Вапцаров“. На истата улица била и опожарена фасада од куќа.
Фотокопирницата, која горела, пак, е лоцирана на улицата „11 Октомври“.
Според информациите за интервенциите на пожарникарите, речиси сите биле во исто време.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа