Бугарија во Брисел ќе се жали за Македонија: Да ги преземат потребните чекори
Техничкиот бугарски премиер Димитар Главчев ќе инсистира од Европскиот совет да ги потврди заклучоците во однос на Македонија, соопшти тамошната владина прес-служба.
Министерскиот совет на Бугарија посочил дека „нивната земја ќе инсистира Европскиот совет при усвојувањето на заклучоците од состанокот да вклучи и текст за Република Северна Македонија“.
Според бугарските медиуми, Главчев денеска и утре ќе престојува во Брисел, каде „при разговорот на темата ќе побара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците од 14 декември 2023 година, како и заклучоците на Советот за Северна Македонија и Албанија од 18 јули 2022 година и да ја повикаат Северна Македонија да ги преземе наведените чекори за да постигне напредок на нејзиниот пат кон европската интеграција“.
Според Главчев, важно е да се истакне дека клучно останува исполнувањето на сите заложби, како и напредокот на сите реформи поврзани со ЕУ.
На 25 јуни, Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со став во кој како неприфатлива ја оцени, како што велат, наведената намера на Македонија да не се придржува до меѓународните обврски и потпишаните договори. Ставот беше во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во однос на долго најавуваните уставни измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата, кои се условот Македонија да ги започне преговорите со ЕУ. Мицкоски истакна дека доколку има желба и политичка волја може да се промени Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа