Битиќи: Законот за реорганизација на органите на државната управа е политичка игра на празни зборови
Oваа законска иницијатива е политичка игра на празни зборови која е козметичка промена која ќе го отежнe работењето на државната управа. Со оваа констатација претеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи го заклучи своето обраќање на седницата на собраниската Комисија за политички систем која вечерва расправаше по Предлог-законот за реорганизација на органите на државните управа, чиј предлагач е пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на нова влада, Христијан Мицкоски, а кој се носи по скратена постапка.
Почетокот на расправата ги донесе и првите искри меѓу новото парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ и членовите на Комисијата од сега опозициската СДСМ, а повод беше времето што Битиќи го помина на говорницата во салата „Борис Трајковски“, образложувајќи ги причините зошто не се согласуваат со предлог-законот.
Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов го опомена Битиќи дека го надминал времето предвидено за обраќање, на што реагираше Славјанка Петровска од СДСМ која побара да се цитира член од новиот Деловник во однос на времетраењето на дискусиите на пратениците.
Поради недоразбирањето околу времето предвидено за обраќање на пратеник седницата беше прекината на половина час на барање на пратениците на СДСМ.
По паузата Комисијата за политички систем ја заврши расправата за Предлог-законот за и тој е даден на натамошна постапка.
Инаку, за предлог-законот дебатираа само пратениците од СДСМ, кои сметаат дека станува збор за погрешно решение кое се носи по скратена постапка, без анализа и дебата и може да има лошо влијание.
„Самиот предлагач (Христијан Мицкоски) укажува дека е потребна сеопфатна анализа за целосна реогранизација на органите на државна управа, се предвидува сеопфатна детална анализа и реформа што би довело до целосно ново законско решение за организација на органите на државната управа и во исто време кажува, парафразирам, ама може тоа да го направиме и со итни измени кои нам ни одговараат. Тоа е поигрување со интелигенцијата на нашите граѓани и граѓанки, а најмногу со стручната јавност. Без сеопфатна дебата и дискусија не можат да се направат суштински измени на темелен закон преку кој не само што се креираат нови министерства туку се менуваат и надлежностите и на добар дел од постоечките министерства. Тоа што сте освоиле 58 пратенички мандати, секоја чест, не ви дава за право да демонстрирате самоволие во Собранието и да правите што сакате. Го добивте мнозинството, добивте мандат за состав на новата влада на Република Северна Македонија, тоа е уставното име на нашата дражва, но демократските принципи ќе мора да ги почитувате…А во случајот верувам дека тие измени ќе бидат само алатка за враќање на истите стандарди со кои функционираше секоја една претходна власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Битиќи во своето обраќање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа