Почна со работа првиот ветерен парк „Богословец“, ќе обезбедува електрична енергија за 20 илјади домаќинства
Денеска се одбележува значаен момент во транзицијата на Македонија кон одржлива енергија со свеченото отворање на Ветерниот парк Богословец. Овој проект вреден 61 милион евра, развиен од THOR Impex, е првиот приватен ветерен парк во земјата и може да се пофали со капацитет од 36 MW, способен да напојува со електрична енергија над 20.000 домаќинства годишно.
На настанот присуствуваа претставници на компанијата сопственикот на ветерниот парк, и претставници од Green for Growth Fund (GGF), амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир и заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, претставници на банките кои беа вклучени во инвестирањето на овој проект, бројни соработници и гости.
Тие во своите говори по повод првите произведени киловат часови електрична енергија ги истакнаа заедничките напори што го донесоа овој проект до реализација и ги истакнаа неговите еколошки и економски придобивки.
„Она што е особено важно е дека станува збор за македонска инвестиција, македонски капитал кој и понатаму ќе остане во државата да создава дополнителна вредност и да биде извор на идни големи инвестициски проекти.
Ваквото достигнување не би било возможно без непоколебливата поддршка од нашите партнери, Ерсте Груп, Комерцијална Банка, НЛБ Банка, Шпаркасе Банка и ОеЕБ, како и Сименс, Инград и нивните подизведувачи Вардар Градба, Хитачи и Елнос чија експертиза овозможи овој ветеренпарк да биде изграден и да почне да произведува електрична енергија согласно проектот. Благодарни сме на сите нашите партнери и сите чинители кои веруваа во овој проект. Вашата поддршка беше непроценлива“, истакна Михајло Михајловски од THOR Impex, компанијата сопственик на ветерниот парк „Богословец“.
Амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир во својот говор истакна дека придобивките од реализацијата на овој проект ќе бидат долгорочни како заживотната околина, така и за граѓаните.
„Западниот Балкан има големи природни предности во делот на ветерна, хидро и соларна енергија и огромни можности за приватни инвестиции, надополнувајќи ги и надминувајќи ги инвестициите од ЕУ и останатите партнери. Она што е важно е властите и приватните компании заедно да работат и конструктивно да покажат дека секторот на обновливи извори на енергија максимално го искористува овој потенцијал. Токму овој проект демонстрира како тоа може да биде сторено, здружувајќи локални и компании од ЕУ и банки. Бенефитите ќе бидат долгорочни како за животната околина, така и за граѓаните. Овој проект ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 80 илјади тони годишно и ќе обезбеди чиста енергија за 20 илјади домаќинства“, истакна во своето обраќање амбасадорот Гир.
Додека заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф посочи дека ветерниот парк „Богословец“ претставува значаен чекор кон воспоставување на обновливите извори на енергија како значителен дел од снабдувањето со електрична енергија во државава.
„Оваа приватна инвестиција покажува дека инвестиции во обновливи извори на енергија не секогаш се возможни само со јавни финансии и со државна поддршка туку многу добро се возможни како приватни иницијативи и како бизнис и сметаме дека овој проект е огромен чекор напред кон тоа обновливите извори на енергија огромен дел од снабдувањето со електрична енергија во Северна Македонија“. Нагласи заменик амбасадорот на Германија, Ото Граф.
Овој проект го претставува претприемачкиот и иновативниот дух што сите ние треба да го имаме во наредните години за да ги исполниме амбициозните цели што државата ги има за својот енергетски сектор, нагласија во своите говори претставниците на Green for Growth Fund.
„Велам „ние“ како претседател на Green for Growth Fund кој се смета себеси за составен дел на регионот и просперитетот на Северна Македонија. Фондот Green for Growth (или GGF) е влијателно инвестициско средство кое е активно на Балканот веќе 15 години. За тоа време изгради блиска врска со целиот регион за поддршка на развојот на чиста енергија и климатските активности“, истакна Кристофер Ноулс, претседавач на Бордот на директори на Green for Growth Fund (GGF).
„Исто како што GGF има можност да има каталитичка улога како инвеститор во остварувањето на ветерниот парк Богословец, германската Влада и Европската комисија се каталитички инвеститори во самиот фонд…Михајло Михајловски, БНБ Компани, визионерот инвеститорот зад овој проект и наш партнер последните месеци и години. Веќе од оваа листа почнувате да добивате чувство за соработка и партнерства кои направија овој проект да се случи, а кои ќе бидат потребни за унапредување на распоредувањето на обновливите извори на енергија во регионот“, истакна Борислав Костадинов, директор на Green for Growth Fund.
Ветерниот парк Богословец, беше поддржан од Ерсте Груп, Комерцијална Банка, НЛБ Банка, Шпаркасе банка со финансии во вкупен износ од 41 милион евра и ОеЕБ, развојна банка на Република Австрија кои во финансирањето на овој особено значаен проект учествуваат со 10 милиони евра. „Богословец“ треба значително да го подобри капацитетот за обновлива енергија на Македонија, усогласувајќи се со целта на земјата да ја зголеми обновливата енергија за 50% до 2030 година. Ветерниот парк „Богословец“, проект вреден вкупно 61 милион евра, изграден е на 80 километри југоисточно од Скопје, во близина на селото Богословец.
Изградбата почна во 2021 година и во изминатиов период „Siemens Gamesa“ инсталира осум ветерни турбини на локацијата. Напојувани од ротори со дијаметар од 145 метри со висина на јарбол од 102,5 метри, овие турбини ќе имаат вкупен капацитет од 36 MW.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа