Избор на нов претседател на Уставен суд

 


Во Уставен суд денеска со почеток од 10 часот ќе се одржи седница за избор на нов претседател на Судот, кој ќе дојде на местото на досегашната претседателка, Добрила Кацарска, на која мандтот ѝ истекува на 2 јуни.

Според Деловникот на Уставен, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. 

Покрај Кацарска, актуелни судии во Уставен суд од кои некој ќе ја преземе претседателската функција се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.

Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. 

Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. 

Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.

Добрила Кацарска, вчера на прес-конференција за својот тригодишен мандат, рече дека го завршува со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив.

Потенцираше дека е скратен рокот за одговор на доносителите на актот од кои барале мислење во текот на постапките, па така наместо 30 дена максимален рок за одговор, ќе мора да го  дадат за најмногу 15 дена, по барањето на Уставниот суд. 

- Како битна новина е и тоа што кога се поведува постапка за некои закони, а доколку Судот утврди дека може да настане некој вакуум простор со укинување или поништување, при што граѓаните или правните лица во тој период не може да ги остварат своите права, Уставниот суд ќе се обрати до доносителот на актот и ќе им даде рок од најмногу шест месеци за да направат исправка. Ваков начин на работа имаат уставните судови во Словенија, Германија и други земји, дополни Кацарска. 

Во освртот го спомена и намалувањето на бројот на стари предмети од кои некои се чувале и по десетина години. 

- Статистиките кои ги водиме покажаа дека има раст на укинати или поништени акти. Имено, во минатото ретко се случувало да се носат одлуки за укинување или поништување. Во овој мандат има 78 одлуки со кои се укинуваат закони и други акти и прописи, додека во делот за поништување се работи за 6 такви одлуки. Станува збор за закони или акти кои се донесени од различни собраниски состави,  факт којшто говори за непристрастноста на Уставниот суд, рече таа. 

Дополни дека во овој момент судот работи со полн капацитет, вкупно девет судии и пополнетост на службата според потребите за работа, а помеѓу останатите вработени, за прв пат е вработен информатичар. 

Претседателот на Уставниот суд го претставува Уставниот суд, ги потпишува одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд, се грижи за спроведување на Деловникот на Уставниот суд и врши и други работи определени со овој деловник. Во случај на отсутност или спреченост претседателот го заменува судија според распоредот утврден од Уставниот суд по азбучниот ред на презимето на судиите.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

30.05.2024 - 09:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега